Четири години по лансирањето, популарниот хечбек на Citroen ќе го добие својот фејслифт – кој покрај новите светлосни групи ќе добие и нови мотори.
Најзабележителната измена кај фејслифтираниот C4 се токму новите предни и задни светла. Предните светла добиваат интегрирани LED дневни светла, а задните добиваат изменета графика со тродимензионален ефект. Нови се и 17-инчните Miami алуминиумски фелни.
Во внатрешноста, C4 ќе добие нови материјали и поедноставна централна конзола со 7-инчен екран чувствителен на допир преку кој се контролира аудио уредот и навигацискиот уред. Ќе се нуди и keyless отклучување, заклучување и стартување, а во понудата ќе се најдат и масажа на возачкото седиште и панорамски стаклен кров. Оние кои сакаат повеќе технологија во својот C4 ќе можат да нарачаат Hill Start Assist, Intelligent Traction Control и Blind Sport Monitoring систем.
Интересен новитет е три-цилиндерскиот трубо-бензинец кој се вика PureTech. Овој мотор нуди 110 коњски сили при 5500 вртежи и 205 Nm вртежен момент при 1750 вртежи во минута. Според Citroen, овој мотор ќе троши само 4.7 литри на 100 километри. Останатите мотори се PureTech 130 со 130 коњски сили, како и BlueHDI 1.6-литарските турбодизели со 100, односно 120 коњски сили. Најекономичен е токму 100-коњскиот BlueHDI кој ветува потрошувачка од само 3.3 литри на 100 километри.