За оние кои сакаат несекојдневни автомобили кои ги кршат правилата на класификациите и нудат нешто сосем различно, иако не секогаш логично, Mercedes-Benz ќе го понуди новиот GLE Coupe!
По неколкуте најави и многуте „уловени“ тестни модели, Mercedes-Benz конечно и официјално го претстави новиот член на своето семејство, моделот GLE Coupe. Според Mercedes-Benz, ова е комбинација од купе со пет врати и висока SUV архитектура. Името е ново, но е во согласност со новата номенклатура на брендот и всушност е дел од GLE фамилијата, која ќе биде замена за ML значката. Конвенционален SUV кој ќе го носи името GLE ќе се појави следната година.
Кога станува збор за дизајнот, навистина не можете да го „пропуштите“ GLE Coupe – ова е можеби најхрабрата интерпретација на SUV Coupe филозофијата досега. Заоблените линии, ниската кровна линија и комбинацијата со прилично голема дистанца од подлогата и големите тркала (20-инчни се стандардни) му даваат на GLE Coupe атлетски став кој ретко го гледаме кај другите автомобили. Стајлингот на предниот дел е во согласност со останатите модели на брендот и наликува на C-Class, но задниот дел повикува спомени на новиот S-Class Coupe.
На почетокот ќе се нудат три мотори, и интересна е одлуката на Mercedes-Benz да не понуди „мали“ мотори, туку да нуди исклучиво V6 агрегати кои нудат повеќе од доволно моќност. На најниското скалило е GLE 350d кој носи 3-литарски V6 дизел кој испорачува 258 коњски сили и 620 Nm вртежен момент. Над него е GLE 450 со 3-литарски V6 бензинец кој нуди 333 коњски сили и 480 Nm вртежен момент. На врвот на понудата е Mercedes-Benz GLE 450 AMG кој всушност е вовед во новата AMG Sport линија на брендот и ќе нуди 367 коњски сили и 520 Nm вртежен момент. AMG Sport моделите се наменети да бидат скалило подолу од монструозните Mercedes-AMG модели, но истовремено да понудат сосема доволно моќност и спортски карактеристики. Сите модели се со 4Matic погон на сите четири тркала.
AMG Sport моделот ќе се разликува по малку поагресивниот стајлинг благодарение на агресивните предни и задни браници, заден спојлер и големоте 21-инчни AMG тркала со пет краци кои носат енормни нископорфилни гуми во димензии 315/40/21 на задните тркала. Овој модел ќе понуди и 40/60 поделба на вртежниот момент во корист на задните тркала за да се добие поспортски карактер. Овој модел користи воздушна суспензија со континуирано варијабилни амортизери кои компензираат за навалувањето во свиоци, како и за неудобноста од нерамните површини.
Ентериерот изгледа налик она што веќе го знаеме од другите нови модели на Mercedes-Benz. Преовладуваат квалитетни материјали, кожата и дрвото. За оние со спортски претензии, тука се и деталите од карбонски влакна, доколку ги нарачате, секако. Ни се допаѓа малку изменетиот распоред на централната конзола и покомпактното поставување на централниот дисплеј кој тука не изгледа како да е дополнително додаден кога дизајнот веќе бил завршен.
Новиот GLE Coupe официјално ќе биде претставен на саемот на автомобили во Детроит следниот месец, а продажбата ќе започне во текот на следната година.