Малку автомобили се толку важни за еден сегмент, како што Passat е важен во својот. Новиот Passat ветува не само нови мотори и технологии, туку и значително поместување на границите во оваа класа!
Volkswagen веќе подолго време се обидува да се издигне скалило погоре и да започне да се меша меѓу премиум автомобилите. Ако земеме дека почетоците на Volkswagen се скромни, тогаш станува јасно дека е ова е многу храбар, но и многу ризичен чекор. Да, моделите на Volkswagen секогаш се сметале за своевиден стандард во своите класи, но храброста на брендот почнува да налага сериозно замешување и во посериозните води.
Новиот Passat беше претставен пред само неколку месеци и веќе пристигна и кај нас. Ова е осмата генерација на големиот германски седан и без сомнение е еден од најважните модели на брендот – покрај сеприсутниот Golf и помалото Polo, секако. Всушност, Passat е еден од трите модели на Volkswagen кои се продадени во повеќе од 20.000.000 примероци – друштво му прават успешниот Golf и легендарната Буба – автомобили кои несомнено го имаат оставено својот траен печат врз светската историја на автомобилите. Но сега, намерите на Volkswagen се повеќе од јасни – да понудат на европските купувачи своевидна алтернатива на премиум брендовите. Дали таа храбра амбициозност ќе се претвори во реалност? Да видиме..
Да започнеме од основата – новиот Passat е поставен на MQB модуларната платформа која веќе добро ја познаваме благодарение на новите Golf, Leon, Octavia и A3, a наскоро потекло од оваа платформа ќе влече и новата А4 на Audi. Благодарение на оваа платформа новиот Passat е до 85 килограми полесен во однос на претходникот, а новитетите не завршуваат тука – Passat има нови мотори, ќе се нуди хибридна верзија, а кај автомобилот можат да се добијат цела лепеза на помошни и безбедносни системи.
Сепак, на почеток – дизајнот. Passat секогаш бил зрел и возрасен автомобил, а дизајнерите на Volkswagen не сакале да си играат со успешната формула – автомобилот уште при првиот впечаток изгледа созреано и самоуверено. Линиите се остри, јасни и чисти, без непотребни прекршувања и разно-разни „течни“ дизајнерски решенија. Автомобилот е самоуверен, а едноставниот дизајн истовремено изгледа достоинствено и модерно, и Passat е еден од оние автомобили кои изгледаат многу поуверливо во живо отколку на фотографии. Некои ќе го наречат дизајнот здодевен, ние ќе го наречеме зрел. Однапред доминираат големите LED светлосни уреди и хромираната маска. Карактерната линија се провлекува од предниот кон задниот дел и е пресечена само од предните крила благодарение на што автомобилот изгледа суптилно агресивен и поблиску до подлогата. Задниот дел ја продолжува приказната од предниот со чистите и јасно дефинирани површини, LED задните светла и дефинираната карактерна линија. Завршетоците на издувниот систем се како извајани во долниот дел на браникот а хромираните детали кои се забележуваат околу целиот автомобил даваат слика за дискретен и самоуверен автомобил со јасни премиум претензии.
Сега е веќе време да ја отвориме вратата и да зборуваме за она што не пречекува внатре. Ја отворам возачката врата и се спуштам во комфорното седиште обложено со перфорирана кожа. Нагодувањето е целосно електрично и лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција. Она што од првиот момент остава впечаток е квалитетот на материјалите кои се искористени во ентериерот, како и финалната обработка на тие материјали. Секоја површина која можам да ја допрам е покриена со квалитетна кожа или со мека пластика. На задната клупа сега има повеќе простор отколку кај претходникот – а ниту кај тој модел просторната понуда не беше скромна. Како и предните, и задните седишта се обвиени во кожа, а задниот дел е доволно навален за патувањето на подолги релации да не е некомфорно. Малку смета високиот централен тунел – но и за него има причина, а за тоа малку подоцна. На патниците ќе им бидат достапни 586 литри (или 650 доколку одберат караван) багажен простор – повеќе од доволно!
Она што вреди веднаш да се спомене е опременоста на нашиот модел, односно „играчките“ кои беа на располагање. Ако ја сакате пократката верзија за листата на опрема – отидете во салонот на Volkswagen и порачајте „еден Passat со сè“. Доколку ја сакате подолгата – подгответе се за прилично долга листа. Нашиот тестен Passat дојде со кожни седишта со функција за ладење и греење, како и масажа на возачкото седиште, 12-инчна LCD инструмент табла на која можат да се прикажат разно-разни информации, голем централен мултимедијален уред со навигација, CAR-Net интернет поврзување, Bluetooth, гласовни контроли и уште многу други ситници, LED предни светла, адаптивен темпомат, паркинг сензори и камери со 360-степенски top-view систем, систем за автоматско паралелно и бочно паркирање, целосен Keyless систем за отклучување, заклучување и стартување на автомобилот, DSG автоматски менувач со двојна спојка и 7 степени на пренос, амбиентално осветлување, одличен Dynaudio аудио систем со едно чудо звучници и subwoofer кај резервното тркало, поклопец на багажниот простор кој се отвора и затвора на копче и уште многу други ситници. Интересно – нашиот тестен модел секаде користеше LED сијалички за осветлување, освен кај магленките.
Го притискам копчето за старт и автомобилот оживува. Дигиталната инструмент-табла се буди и LCD екранот со висока резолуција веднаш ми прикажува многу различни информации. Како и секогаш кај повеќето германски автомобили – ергономијата е на највисоко можно ниво, а сите инструменти се јасно и логично распоредени – скоро и да нема крива на учење. Почнувам да се движам низ градскиот сообраќај и првите импресии се токму онакви какви што и очекував – ова е голем, комфорен и пријатен седан. Возачката позиција е одлична, а прегледноста е задоволителна, освен кон задниот дел – но тоа е проблем кај секој седан, а овој недостаток се компензира со сензорите за паркирање кои се дел од сериската опрема кај секоја верзија на Passat.
Полека но сигурно доаѓаме до оној, најважниот дел – новиот 2-литарски BiTDI турбодизел со две секвенционално поставени турбини. Овој мотор од своите два литри зафатнина нуди три-литарски 240 коњски сили и импресивни 500 Nm вртежен момент. Сите овие коњски сили се пренесуваат кон сите четири тркала преку DSG менувачот и 4Motion погонот на сите четири тркала (и сега ви е јасно зошто постои централниот тунел во внатрешноста). Моторот е меѓу најновите на Volkswagen и дебитира токму кај Passat. Благодарение на овој мотор, големиот и опремен автомобил забрзува до 100 километри на час за 6.1 секунда и постигнува максимална брзина од 240 километри на час – перформанси од кои на семафорите може да им конкурира на многу од „жешките“ хечбекови – а тука зборуваме за голем дизел седан!
Во град, DSG менувачот одлично си ја врши работата. Менувањето брзини е скоро незабележливо, а на вас само останува да уживате во комфорното возење. Колку комфорно? Благодарение на адаптивната шасија која се нуди сериски со овој мотор, можете да изберете меѓу неколку режими на работа – Normal, Comfort, Sport, Eco и Individual. Оставете го автомобилот во Normal или Comfort режимите на работа и суспензијата лесно и без напор ги впива скоро сите нерамнини на патот – а особено во Comfort режимот имате чувство како автомобилот да лебди неколку сантиметри над подлогата. Единствена забелешка која ја имаме е кон малку пре-ентузијастичкиот Start Stop систем кој некогаш несакано го гасеше моторот во погрешен момент.
Префрлете во спортскиот режим и веднаш се забележува изменетиот карактер – управувањето добива нијанса повеќе отпор, суспензијата е значително и забележително потврда а менувачот подолго го држи моторот во опсегот на вртежи каде моќта е најдостапна. Во овој режим секое запознавање на педалата за гас со патосникот под неа резултира со забрзување кое сме навикнати да го очекуваме кај автомобили со значително поскапи значки, а управувањето е директно и прецизно, дури би можеле да кажеме дека има и одреден спортски карактер кој резултира од одличниот погон на сите четири тркала.
Меѓузабрзувањето може да се опише единствено како импресивно – а силата е достапна помалку или повеќе на било кои вртежи. Ова е автомобил кој е создаден да уништува километри на отворен пат. Забрзувањето е линеарно и непрекинато, и многу лесно се постигнуваат брзини заради кои момците во сино со задоволство ќе ви ја одземат возачката дозвола на три до шест месеци. На крајот, морам да ја споменам и потрошувачката – овој моќен мотор при регуларно возење во градски услови трошеше околу 8 литри на 100 изминати километри, додека на отворен пат потрошувачката е значително пониска. На неколку наврати низ град забележавме просечна потрошувачка пониска од 7 литри на 100 километри, но тоа беа идеални ситуации кога немаше многу сообраќај по улиците.
Ретки се автомобилите кои вистински ги поместуваат границите. Тешко и ризично е да се излезе од претходно дефинираните категории и класификации, а секоја значка си носи своја тежина. Веќе зборувавме за амбициите на Volkswagen да се вмеша меѓу премиум конкурентите – и ако тоа проба да го направи со ексцентричниот но одличен Phaeton, веќе со новиот Passat ги користи добро научените лекции за да понуди автомобил кој може да понуди многу различни нешта на многу различни купувачи.
На крајот, мораме да зборуваме и за она, големото и важно прашање – цената. Би било несериозно од нас доколку барем малку не се осврнеме на цената – сепак, тоа е една од најжешко дискутираните теми во последно време – дали автомобил кој го носи името Passat смее да побарува повеќе од 50.000 евра? Многумина би рекле дека не, и ние можеби и би се сложиле со тие луѓе, но тоа и не е поентата на конкретната верзија на Passat. Овој автомобил има две цели – од една страна (малку Вејронски) да покаже што сè може Volkswagen да понуди во оваа класа и да ја демонстрира подготвеноста да се бори со конкуренцијата, а од друга страна да им понуди на оние купувачи кои сакаат невулгарен автомобил кој истовремено може да понуди перформанси, технологија и завршна обработка како брендовите кои веќе традиционално ги сметаме за премиум, без притоа да падне во замката на претенциозност. Сепак, она што останува јасно на крајот е дека вака опремен и „моторизиран“ Passat во ниту еден дел не заостанува зад премиум конкуренцијата, а останатите моментални конкуренти од сегментот ги остава значително зад себе. Границите? Сметајте ги за поместени.
- 2-литарски турбодизелски мотор, две турбини
- Моќност: 240 коњски сили / 4000 вртежи во минута
- Вртежен момент: 500 Nm / 1750вртежи во минута
- Максимална брзина: 240 км/час
- Забрзување 0-100: 6.1 секунди
- Должина: 4767 mm
- Ширина: 1832 mm (без страничните ретровизори)
- Висина: 1456 mm
- Меѓуоскино растојание: 2791 mm
- Багажен простор: 586 литри
- Потрошувачка: 8.1 литри на 100 километри (измерена, градска); 6.4 литри на 100 км (официјална, градска)
- Цена на тестираниот модел: Volkswagen Passat 2.0 BiTDI 240 Highline – 56.900 евра
Повеќе информации: Volkswagen.com.mk
Фотографија: Дејан Маликовски