Дивизијата на Land Rover за специјални возила и британскиот производител на оружје Holland & Holland се здружија за да направат навистина уникатен и скапоцен луксузен теренец!
Special Vehicle Operations (SVO) дивизијата на Land Rover е задолжена за уникатните примероци на овој бренд, а во соработка со Holland & Holland – еден од најтрадиционалните производители на оружје во Велика Британија – тие направија автомобил од кој едноставно застанува здивот.
Процесот започнува со Range Rover Autobiography Black со продолжено меѓуоскино растојание кој чини 146.900 фунти. На овој автомобил му е посветено дополнително внимание и е доработен до степен на луксуз кој би го очекувале кај Bentley или Rolls Royce. Надворешноста визуелно се разликува највеќе преку зелената боја, специјалните значки и хромираните детали. Најважните промени се во внатрешноста каде скапиот Range Rover добива Executive Class пакет на седишта со две индивидуално нагодливи задни фотелји и значително преработена централна конзола со електрично-придвижувани масички од оревово дрво, уникатно осветлување и цело брдо технологија.
Ентериерот е обвиен во најквалитетната кожа со Holland & Holland ознаки на предните седишта. Најзабележливиот додаток е во багажникот каде се наоѓа специјален простор за две Holland & Holland ловечки пушти. Целиот простор во багажникот е изработен од алуминиум, карбонски влакна, кожа и природно дрво.
Годишно ќе се произведуваат само 40 примероци од овој несекојдневен луксузен SUV, и тоа само во следните три години. Автомобилот ќе може да се нарача со 4.4-литарскио SDV8 турбодизел со 339 коњски сили, или пак 5-литарскиот LR-V8 компресорски бензинец со 510 коњски сили. Цената? Само 230.000 евра!