Четири нови модели кои ќе ја носат GTS ознаката се додадени во големото портфолио на Porsche 911 – ќе бидат достапни како купе или кабриолет, со погон на задните или на сите четири тркала.
Исто како и Boxster GTS, Cayman GTS и Panamera GTS, новите верзии на 911 кои ќе ја носат ознаката GTS добиваат малку повеќе сила, доработена шасија и уникатни стајлинг елементи кои ќе ги издвојат од другите модели. Да започнеме со моторот – 3.8-литарскиот шест-цилиндерски боксер мотор сега испорачува 30 коњски сили повеќе и има на располагање вкупно 430 коњи. Благодарение на овој мотор, купето забрзува до 100 километри на час за 4 секунди, додека на кабриолетот му се потребни 4.2.
Сите GTS модели имаат максимална брзина повисока од 300 километри на час, а најбрзата верзија е кушето со 7-степен рачен менувач и погон на задните тркала – овој автомобил ќе постигне максимални 306 километри на час. Сите модели го добиваат Sport Chrono пакетот на Porsche, како и PASM системот со активна суспензија, како и спортски издувен систем кој нуди малку поагресивен звук. GTS моделите ја добиваат и пошироката каросерија од Carrera 4 со пошироки задни крила, уникатен преден браник, затемнети би-ксенонски светла, завршеток на издувниот систем од затемнет хром и мат-црни 20-инчни тркала.
Во внатрешноста, тапацирите се изработени од комбинација од алкантара и кожа, а управувачот и кровниот тапацир се обвиени во алкантара. Автомобилите ќе пристигнат во европските салони во Ноември.