Корејскиот производител во Париз покрај новото Sorento, ќе ги претстави и освежените Rio и Venga.
Новото Rio добива освежена предна маска која веќе е заштитен знак на Kia, како и нов преден браник и светла за магла. Нов дизајн ќе добие и задниот браник, а ќе има и три нови дизајни на алуминиумски фелни кои ќе бидат достапни во димензии од 15 до 17 инчи. Kia ќе понуди и нови бои во лепезата – Urban Blue и Digital Yellow.
Во внатрешноста, освеженото Rio добива хромирани детали околу отворите за вентилација, како и ново-дизајнирана централна конзола. Најопремениот модел – EX – добива и нов материјал во ентериерот, а ќе се воведе и опција кај овој модел да се понуди и еко-кожа. Kia Rio ќе добие и нов систем за навигација со 7-инчен дисплеј.
Во зависност од пазарот, ќе се нудат до четири мотори, од 75 до 109 коњски сили, во комбинација со пет или шест-степен мануелен менувач или пак четири-степен автоматски. Сите мотори ќе се нудат со старт-стоп технологија.
Новата Venga ќе има слични измени како Rio. На предниот дел доминира корпоративната решетка на Kia, но сега е поголема и позабележителна. Изменета е и долната решетка каде се искомбинирани дневните и светлата за магла. На задниот дел се забележува нов хромиран додаток кој ги поврзува задните светла кои сега се изработени со LED технологија. Како и Rio, и Venga ќе добие нови фелни од 16 или 17 инчи. Venga, исто така, ќе го добие новиот 7-инчен мултимедијален уред на Kia.
Кај Venga ќе се нудат до шест бензински и дизел мотори, а моќта ќе варира од 76 до 128 коњски сили. Сите мотори се во согласност со Euro 5 нормите. Новите Rio и Venga ќе се појават на пазарот на почетокот на следната година.