Новото Ford Mondeo конечно пристигнува во Октомври! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новото Ford Mondeo конечно пристигнува во Октомври!

По неколкуте одложувања, новото Mondeo на Ford конечно ќе пристигне и во Европа овој Октомври, и ќе биде првиот модел на Ford во Европа со LED предни светла!

Ford ветува многу кога станува збор за новото Mondeo – од новиот, агресивен дизајн, па сè до моторите и технологиите кои ќе бидат дел од него. Најзабележлив дел се токму новите LED предни светла кои благодарение на компактноста на технологијата, им дозволија на дизајнерите повеќе и послободно да си играат со дизајнот на автомобилот. Според Paul Wraith – менаџерот за дизајн на Ford – „тенките предни светла можат да го направат екстериерот на автомобилот да изгледа поодлучен и поагресивен. Тие помагаат  да се даде соодветното чувство на доминантност и строго-определена цел.“

Покрај LED светлата, новото Mondeo ќе нуди Advanced Park Assist, Active City Stop, мулти-контурни седишта со вградени масажери, електрично-придвижуван поклопец на багажниот простор, SYNC поврзување со различни мобилни уреди, како и задни појаси кои се надувуваат кога е потребно.

mondeo-wagon

Mondeo ќе се нуди со четири и пет врати, како и во караванска изведба. Ќе се нудат 1.5 и 2-литарски EcoBoost мотори, како и моќниот и ефикасен 1.0-литарски EcoBoost мотор – моторот кој веќе трет пат ја зема наградата за мотор на годината. Во понудата ќе се најде и ECOnetic Technology мотор – односно 1.6-литарски турбодизел со емисија на CO2 од само 94 грама на изминат километар, а ќе се нуди и 2-литарски TDCI турбодизел. Ford реши да понуди и хибриден модел кој ќе биде придвижуван од 2-литарски бензинец и електромотор со литиум-јонска батерија со капацитет од 1.4 kWh. Овој модел ќе биде првиот хибриден модел на Ford кој ќе се произведува и продава во Европа, и би требало да има емисија на CO2 од само 99 грама на изминат километар.

Поврзано:  Гранд Ауто станува партнер на Фудбалската Федерација на Македонија

Ford се надева дека благодарение на широката моделска понуда, како и на широката лепеза на мотори, Mondeo ќе биде интересен и привлечен за купувачите. Ние можеме да разбереме зошто – Mondeo секогаш бил модел кој покрај практичноста нудел и забава во возењето. Со нетрпение чекаме да седнеме зад воланот на новото Mondeo!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.