Според извори во Bugatti, автомобилот ќе го задржи W16 моторот, но како што е тренд во моментов – ќе добие хибриден погон, па ќе има на располагање вкупно околу 1500 коњски сили!
Претседателот на Bugatti, Др. Волфганг Шрајбер уште во Февруари потврди дека ќе има втора генерација на најбрзиот автомобил на светот, и дека тој ќе има уште повеќе сила. Веќе се забележани прототипови кои во моментов се тестираат на Nürburgring и кои сугерираат дека наследникот на Veyron ќе биде со хибриден погон.
Според Др. Шрајбер, новиот автомобил ќе ги редефинира стандардите. Тоа не кажува многу, но главниот инженер на Bugatti – Јенс Шуленберг – веќе откри некои детали – „Најолемиот предизвик на следниот автомобил ќе биде намалување на тежината. Гледаме некои неверојатни технологии – како тркала направени целосно од карбонски влакна. Разгледуваме и хибридизација.“
Според извори на AutoGuide внатре во Bugatti, наследникот на Veyron ќе го задржи големиот 16-цилиндерски мотор, но тој мотор ќе биде дел од хибриден систем благодарение на кој супер-автомобилот ќе има на располагање околу 1500 коњски сили. Се верува дека Bugatti сака да понуди максимална брзина повисока од 270 милји на час – односно околу 435 километри на час. Таа е брзината што ја постигна Hennessey Venom GT, а ако ја надмине оваа брзина ќе си ја врати круната за најбрз автомобил на светот (иако Venom GT не е автомобил кој сериски се произведува).
Истите извори најавуваат дека Bugatti ќе произведе 450 примероци. Сега за сега, останати се само уште 20 непродадени примероци на Veyron.