Новиот Edge SUV е еден од автомобилите кои Ford ќе ги продава глобално, а тоа значи дека ова парче Американа ќе го добиеме и кај нас!
Она што е важно за европските купувачи е дека Edge е базиран врз Global Midsize платформата на Ford, која веќе се користи за новото Mondeo (кое исто така го чекаме да започне да се продава во Европа). Кај Edge ќе се нудат многу нови технологии – адаптивно управување, асистенција при паркирање, адаптивен темпомат како и предупредување пред незгода со автоматско кочење. Интересен новитет е и 180-степенската предна камера, воздушно перниче во предната касета пред совозачот, задни појаси со вграден систем за надувување и задна врата која се управува без користење на рацете.
Според најавите, ќе се нудат неколку нивоа на опрема – SE, SEL, Sport и Titanium. Ќе се нудат три бензински мотори – најмалиот ќе биде 2-литарскиот EcoBoost турбо-бензинецкој ќе испорачува околу 245 коњски сили и 370 Nm вртежен момент. Чекор погоре е 2.7-литарски EcoBoost V6 турбо бензинец кој ќе нуди повеќе од 300 коњски сили. Ќе се нуди и атмосферски 3.5-литарски V6 бензинец, но за него сè уште не е објавено колку коњски сили ќе нуди. Сите модели ќе се нудат со шест-степен автоматски менувач.
Интересно и зачудувачки, Ford сега за сега не објавува детали околу можните дизел мотори кои би се вградувале во Edge. Европскиот пазар воглавно бара дизел мотори кога станува збор за SUV автомобили, па не би биле изненадени доколку Ford сепак понуди и дизелски варијанти. Продажбата на Американскиот пазар ќе започне на почетокот на следната година, а по тоа би требало да започне продажбата и на останатите пазари, но за тоа сè уште нема конкретизирано точни дати.