Новиот Peugeot 308 е навистина значаен за компанијата – најновата генерација на 308 го задржува името од претходникот, но е радикално изменет и освежен модел – а ние поминавме неколку дена со него!
Нема друг начин да го кажеме ова – новиот 308 изгледа значително изменет во однос на претходникот. Веќе ги нема флуидните, несекојдневни и помалку чудни линии. „Гласниот“ дизајн е заменет со минимализам, јасни форми и линии и забележлива желба да се отиде чекор нагоре на скалилата меѓу конкуренцијата. Всушност, Peugeot воопшто не се обидува да скрие дека точно цели кон еден добро-познат, народен, германски ривал.
Во ред – веднаш ќе признаеме дека нам ни се допаѓа новиот дизајнерски јазик на Peugeot. Чистите линии и јасната дизајнерска насока му дава едно одредено чувство на самодоверба и тивка храброст која е одличје на вистински успешните и возрасни брендови. Сликата малку ја расипуваат црните рачки на вратите, но доколку отидете едно скалило погоре, веќе од Active нивото тие се во боја на каросеријата.
Изберете малку потемна боја и повисоко ниво на опрема, и 308 изгледа навистина привлечно. Мораме да им честитаме на дизајнерите на Peugeot – одамна немале волку „погоден“ автомобил. Особено ни се допадна задниот дел кој го красат хоризонтално-поставените светлосни групи со по три вертикални светла изработени со LED технологија. Доколку одберете некое од повисоките нивоа на опрема, ќе добиете и предни светлосни групи изработени со LED технологија кој покрај тоа што одлично го осветлуваат патот, и одлично изгледаат!
Но не можеме да зборуваме за новиот 308 без да зборуваме и за новите технологии кои се дел од него. Најважен новитет е токму платформата. Новата платформа – која го носи името EMP2 – му овозможува на новиот Peugeot 308 да биде 140 килограми полесен од претходникот – а тоа е навистина импресивна бројка! Благодарение на намалената тежина, Peugeot може да се пофали дека кај новиот 308, покрај намалената потрошувачка е работено и на комфорот и задоволството во возењето!
Првиот контакт со ентериерот јасно кажува дека тука се работи за основното ниво на опрема – но според нас не би смеело автомобил од оваа класа да се нуди со гумен управувач без разлика на нивото на опрема. Сепак, седиштата се комфорни, лесно се наоѓа добра возачка позиција а прегледноста е одлична благодарение на големите стаклени површини. Контролите се прилично јасни и лесни на користење, но сепак ќе ви бидат потребни неколку минути додека откриете што каде се наоѓа. Најмногу внимание привлекува малиот управувач кој нема да биде по сечиј вкус, но нам ни се допадна. Потребно е малку навикнување, но по поминати неколку километри зад (навистина) малиот управувач веќе не претставуваше никаков проблем – напротив – малиот дијаметар го прави маневрирањето во градските гужви полесно. Несекојдневен за возачот ќе биде и мерачот на вртежи кој оди спротивно со она што сме навикнати – односно се движи во насока обратна од насоката на сказалките на часовникот. Материјалите кои се користени во ентериерот е со прифатлив квалитет, но доколку сакате детали обложени со кожа, како и големиот мултимедијален уред кој е осетлив на допир – повторно – ќе морате да одберете некое од поопремените нивоа.
На задната клупа по потреба можат да се сместат и тројца патници и ќе имаат доволно простор како за колената така и за нивните глави, но сепак покомфорно ќе се сместат само двајца – сепак зборуваме за фамилијарен хечбек. 308 може да се пофали и со багажен простор кој е поголем од она што се нуди кај конкуренцијата – дури 470 литри. Во внатрешноста има многу места за одлагање дребулии, а очигледно е поработено и на звучната изолација – вратите се затвораат со звук кој обично сме навикнати да го очекуваме и добиваме кај германските ривали. Peugeot 308 имаше одлични резултати на Euroncap стандардизираното тестирање за безбедност, каде освои пет ѕвездички – секако, тука огромна улога играат безбедносните системи како и мноштвото воздушни перници.
Нашиот тестен модел беше опремен со 1.6-литарски HDI турбодизел кој нуди 92 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 230 Nm вртежен момент достапни од само 1750 вртежи во минута. Во комбинација со 5-степениот мануелен менувач и овој дизелски мотор, 308 забрзува до 100 километри на час за 12.4 секунди и постигнува максимална брзина од 181 километри на час. Еластичниот дизел мотор го прави возењето лесно, но би сакале малку попрецизен менувач. Од друга страна, 308 нè изненади со ниската потрошувачка – во градски услови со вклучен клима уред измеривме потрошувачка од околу 6 литри на 100 километри – навистина блиску до декларираната потрошувачка од 5.2 литри на 100 километри.
Peugeot 308 кај возачите ќе изнуди порелаксиран стил на возење. Доколку земете возило кое е со пониско ниво на опрема, ќе добиете и помали фелни со гуми со малку повисок профил. Благодарение на ваквата поставеност, нашиот тестен модел одлично ги впиваше нерамнините од нашите патишта но и покрај одличното неутрално управување, имаше забележливо навалување во свиоци. Доколку сте наклонети кон спортско возење, ви препорачуваме да одберете некое повисоко ниво на опрема каде ќе добиете и број-два поголеми фелни кои со сигурност ќе изгледаат подобро, но и ќе придонесат кон спортскиот карактер на вашиот 308.
Навистина е храбар чекорот на Peugeot – да се понуди автомобил со кој директно ќе се нападне германската конкуренција е потег кој одамна го очекуваме, и конечно го добивме. Зрелиот дизајн покажува дека Peugeot настапува самоуверено и гордо, а мноштвото мотори кои им се нудат на купувачите покажуваат дека 308 може да биде автомобил по сечиј вкус. Минималистичкиот ентериер и малиот управувач можеби нема да се допаднат секому, но се вистинско освежување во класата, а големиот багажен простор и одличните резултати на EuroNCAP се од огромно значење за фамилијарните купувачи.
Возрасниот дизајн, практичноста и зрелото управување го прават Peugeot 308 привлечен за поширока публика. Да, 308 има некои ситни недостатоци, но ние би препорачале купувачите да одберат повисоко ниво на опрема кога ќе го одбираат нивниот 308, како би го виделе во вистинското светло – како што инженерите и дизајнерите го замислиле. Направете го тоа, и ќе добиете автомобил кој лесно може да се носи рамо до рамо со конкуренцијата!
- 1.6-литарски турбо-дизелски агрегат
- Моќност: 92 коњски сили / 4000 вртежи во минута
- Вртежен момент: 230 Nm / 1750 вртежи во минута
- Максимална брзина: 181 км/час
- Забрзување 0-100: 12.4 секунди
- Должина: 4476 mm
- Ширина: 1815 mm
- Висина: 1498 mm
- Меѓуоскино растојание: 2608 mm
- Багажен простор: 470 литри
- Потрошувачка: 6.1 литри на 100 километри (измерена, градска) 5.2 литри на 100 км (официјална, градска)
- Цена на тестираниот модел: Peugeot 308 1.6 HDI Access – 16.990 Евра
Напомена: Во моментот на објавување на овој тест во тек е акција токму на Peugeot 308, за повеќе информации можете да се обратите кај импортерот.
Повеќе информации: Peugeot.com.mk
Фотографија: Дејан Маликовски