ТЕСТ: Seat Toledo 1.6 TDI Reference – Повторно пронаоѓање на добро-познатото име! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Seat Toledo 1.6 TDI Reference – Повторно пронаоѓање на добро-познатото име!

Seat Toledo стигна до својата четврта генерација, која е навистина големо отстапување од она што сме навикнати да го очекуваме. Какви импресии ни остави новото Seat Toledo?

Seat Toledo беше првиот автомобил кој Seat го направи откако целосно беше преземен од Volkswagen групацијата пред повеќе од 20 години. Првата генерација беше независен модел кој се покажа како популарен на Европскиот пазар. Втората генерација ја продолжи традицијата на „седан“, иако Toledo беше всушност седан-изведба на популарната прва генерација Leon. Третата генерација на Toledo беше чудна верзија на Altea со „натакнат“ заден дел, па и не се покажа како многу популарен модел. Новата, четврта генерација оди чекор надолу во хиерархијата на брендот и се поставува како достапна варијанта на фамилијарен седан кој би требало да ги задоволи потребите на едно младо семејство.

seat-toledo-rear

Познавачите добро знаат дека Skoda Rapid и Seat Toledo се „збратимени“ модели и дека делат иста платформа, но и иста моторизација. Сепак, Rapid не ни е непознат модел – го познаваме добро и како компактен хечбек-седан, но и како покласичен хечбек во таканаречената Spaceback изведба. Во суштина, она што вистински ги двои Skoda Rapid и Seat Toledo е нивниот надворешен дизајн. Во нашите очи, благодарение на малку помодерните форми и линии, како и севкупно поостриот дизајн, Шпанската верзија изгледа попривлечно.

Надворешниот изглед е една од посилните точки на Toledo. Автомобилот изгледа доста свежо и покрај своите скромни корени. Да бидеме искрени – ова не е автомобил по кој ќе се вртат минувачите, но сепак изгледа доволно модерно и современо за кога ќе го паркирате пред врата, вашите соседи да знаат дека сте купиле нов автомобил. Пропорциите се слични како кај Skoda Rapid, а тоа значи издолжена силуета и голема петта врата која го сугерира адутот кај Toledo.

seat-toledo-interior

Внатрешноста е ориентирана околу едноставноста, и лесно ќе ги пронајдете и идентификувате сите контроли. Седиштата се комфорни, но не нудат скоро никаква странична поддршка. Материјалите се квалитетни, иако би сакале малку помеки пластики и управувач обложен со кожа. На задната клупа има повеќе од доволно простор и за подолги патувања, но не препорачуваме да сместувате повеќе од двајца патници на задните седишта. Веднаш е станува јасна која била намерата кога бил дизајниран Toledo – да се понуди сета практичност која би била потребна за едно семејство – а најголема улога тука игра (во најмала рака) огромниот багажен простор со зафатнина од 550 литри – капацитет кој е значително поголем и од она што се нуди кај некои автомобили кои се и класа-две поголеми. Пристапот е лесен благодарение на големата петта врата.

seat-toledo-rear-bench

Нашиот тестен модел беше во второто, Reference ниво на опрема, а тоа значи дека покрај есенцијалните работи – клима уред, електрика на предните стакла, радио, централно заклучување со далечинско и уште некои ситници, добивате и рачки на вратите и странични ретровизори во боја на каросеријата, борд компјутер, возачко седиште кое се прилагодува по висина, деллива преклоплива задна клупа, хромирани детали во внатрешноста и уште некои ситници. Не е многу, но ги покрива најважните потреби. За безбедноста ќе се погрижат мноштвото воздушни перничиња, како и стандардните ABS и ESP системи за безбедност.

seat-toledo-detali

Под поклопецот на нашиот тестен модел, се криеше 1.6-литарскиот турбодизел агрегат со 90 коњски сили кој се покажа како сосема доволен (и можеби најсоодветен) избор за Toledo. Благодарение на тие 90 коњски сили, но и 230 Nm вртежен момент, Toledo постигнува 100 километри на час за 12 секунди и максимална брзина од 184 километри на час. Ние измеривме комбинирана потрошувачка која се движеше околу 5 литри на 100 изминати километри, а поминавме неколку стотици километри со Toledo, па можевме да се увериме во неговата економичност.

seat-toledo-rear-lights

На отворен пат Toledo се однесува самоуверено а возењето е комфорно и лесно. Прегледноста е одлична а 90-коњскиот турбодизел лесно ги совладува скоро сите предизвици. Во ред, ова не е тркачки автомобил, но перформансите се сосема доволни. Низ град, вистинско задоволство е да се користи 5-степениот мануелен менувач кој е со кратоки прецизен од. Прегледноста е генерално добра, освен дирекно кон задниот дел каде должината ја игра својата улога. Сепак, ова не е тежок автомобил за управување и маневрирање – баш напротив!

На крајот, останува да сумираме дека Toledo ги има истите одлични атрибути кои веќе ги познаваме од кај Skoda Rapid, но изгледа попривлечно од чешкиот модел. Опремен со дизел мотор се покажа како штедлив, економичен и практичен фамилијарен автомобил кој навистина може многу да понуди!

  • 1.6-литарски турбо-дизелски агрегат
  • Моќност: 90 коњски сили / 4200 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 230 Nm / 1500-2500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 184 км/час
  • Забрзување 0-100: 12.0 секунди
  • Должина: 4482 mm
  • Ширина: 1706 mm
  • Висина: 1461 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2602 mm
  • Багажен простор: 550 литри
  • Потрошувачка: 5.2 литри на 100 км (измерена, комбинирана)
  • Цена на тестираниот модел: Seat Toledo 1.6 TDI Reference – 13.950 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.