Несекојдневната верзија на Seat Ibiza Cupra која ја носи ознаката Cupster, според Seat е „радикална џебна ракета“ и нејзината цел е да го прослави 30-тиот роденден на Ibiza!
Ibiza Cupster е роудстер со две седишта, исечено ветробранско стакло и интересно изведен заден дел. Стајлингот можеби не е по сечиј вкус, но благодарение на интересната New Orange портокалова боја и големите 18-инчни фелни, нам ни изгледа несекојдневно, интересно и привлечно.
Ентериерот е препознатлив од „обичната“ Ibiza Cupra, но има црни тркачки седишта и управувач обложен со уникатна кожа која е офарбана на специфичен начин и нема посебен слој на боја, па затоа е многу фина и пријатна на допир. Моќта доаѓа од веќе-познатиот 1.4-литарски TSI кој испорачува 180 коњски сили и 250 Nm вртежен момент, и е поврзан со 7-степен DSG менувач.
Според одговорниот за истражување и развој во Seat, Др. Matthias Rabe, „со нејзината рамна силуета, моќни пропорции и ниско седење, Cupster е одлучно олицетворение на динамичните вредности на Seat. Според дизајнот и карактерот, Cupster е ултимативната изведба на Ibiza – и нуди уживање во возењето во неговата најчиста форма.“