Германскиот производител за многу кратко време ќе го претстави новиот Passat кон покрај многуте нови технологии, ќе има и нов турбодизел со две турбини и 240 коњски сили!
Германците потврдија дека следната генерација на успешниот и популарен Passat ќе го има своето интернет-деби во Јули, пред официјалната јавна презентација која е закажана за октомврискиот саем на автомобили во Париз. Според Volkswagen, новиот Passat ќе биде 20% поефикасен од сегашниот модел – а огромна заслуга за ова има намалувањето на тежината за 85 килограми. Ова „слабеење“ се должи на употребувањето на челик со голема цврстина со специфичен процес на производство, како и користењето на алуминиум за неколку делови од автомобилот.
Сепак, еден од најзначајните новитети е новиот 4-цилиндерски 2-литарски BiTDI. Како што и името навестува, се работи за 2-литарски турбодизел мотор со два турбополначи кој ќе испорачува 240 коњски сили и импресивни 500 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута. Моторот ќе работи во соработка со ново-развиен DSG менувач со двојна спојка и 7 брзини и ќе ја пренесува силата кон сите четири тркала благодарение на 4Motion погонот.
Интересно е што Volkswagen планира и Plug-In хибридна верзија кој ќе има автономија од околу 960 километри, но ќе може да помине и до 50 километри исклучиво на струја. Новиот Passat ќе биде малку помал од досегашниот модел, но ќе има поголем простор за патниците со дополнителен простор за нозете и главите на патниците, како и поголем багажен простор. Стандардно ќе се нуди со LED задни светла и халогенски предни светла, но оние со малку поголем буџет ќе можат да нарачаат и LED предни светла, а ќе има и верзија со активно предно осветлување кое ќе ја адаптира светлината во зависност од надоаѓачките автомобили.
Passat ќе одбие и голем, 12.3-инчен дисплеј, нова верзија на Park Assist системот, head-up дисплеј кој ќе проектира информации на ветробранското стакло, 360-степенски Area View систем, но и интересен Trailer Assist систем кој ќе им помага на возачите додека маневрираат со прикачена приколка. Импресивна е и листата на безбедносни системи кои ќе се нудат, кои ќе ги видиме во акција наскоро.
Првите официјални фотографии и дополнителни детали ќе бидат објавени на почетокот на Јули. Судејќи по скиците кои Volkswagen ги објави, можеме да очекуваме интересен и привлечен автомобил.