ТЕСТ: Škoda Octavia RS TDI – Економичен чешки спортист со германски гени и дизелско срце! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Octavia RS TDI – Економичен чешки спортист со германски гени и дизелско срце!

Škoda Octavia RS е автомобил кој го буди вниманието на сите автомобилски ентузијасти – одличната комбинација од перформанси и достапна цена го прави несекојдневно привлечен за оние кои вистински ги познаваат автомобилите!

Чешкиот огранок на Volkswagen групацијата продолжува да ги мати сметките на своите браќа со германски и шпански значки. Веќе станавме навикнати од Skoda да очекуваме автомобили кои покрај својот квалитет, нудат и одличен дизајн, но можеби и најважно – нудат одредена доза на рационалност и практичност која на моменти можеби недостига кај останатите брендови на групацијата. Дури и нивниот слоган – Simply Clever – најавува дека се работи за бренд кој сака да ги привлече купувачите кои покрај со срцето, размислуваат и со главата.

skoda-octavia-rs-tdi-rear-side

Први импресии – привлечниов, зелен примерок на Škoda Octavia кој е пред мене ја има онаа важната ознака – RS.  Тоа значи една од две опции – под поклопецот се крие или 2-литарскиот TFSI кој го придвижува и Golf GTI, или пак 2-литарскиот TDI кој го придвижува Golf GTD. Едниот мотор нуди 220 коњски сили, другиот мотор нуди 184 коњски сили. „Мојата“ Octavia RS е во TDI варијанта – а тоа значи дека во неа чука дизелско срце кое нуди одлични 184 коњски сили и 380 Nm вртежен момент – сосема доволно за „стотка“ да пристигне за 8.1 секунда и да се постигне максимална брзина од 232 километри на час!

skoda-octavia-rs-tdi-side

Но сепак, пред да зборуваме за моторот – да позборуваме малку за дизајнот. Уште на прв контакт јасно е дека се работи за Octavia, но сепак суптилниот бодикит, дискретниот заден спојлер и огромните 19-инчни тркала на тестниот модел „издаваат“ дека се работи за нешто различно. Дури и бојата совршено одговара на еден ваков автомобил – преку глава веќе од здодевните сребрени, бели или црни автомобили – потребно е малку боја на сивите улици! Дизајнот е помалку конзервативен, но линиите се чисти па автомобилот изгледа некако „возрасно“ и покрај своите агресивни детали – одличен избор за оние кои сакаат и да бидат приметени, но истовремено да возат автомобил кој е доволно неупадлив за да не привлекува премногу внимание и да биде магнет за момците во сино.

skoda-octavia-rs-tdi-interior

Истата приказна за спортска рационалност продолжува и во ентериерот. Ова е место кое веќе добро го познаваме од порано, но сепак малку „надградено“ за да ја заслужи RS значката. Спортскиот волан обложен со кожа има црвени опшивки, а истите продолжуваат и по одличните спортски седишта и на кожата на менувачот. Кога веќе зборувам за седиштата – да нагласам дека предните седишта нудат одлична поддршка дури и при поагресивно возење. Задната клупа исто така е комфорно место за седење, но нивото на поддршка не е исто како и на предните седишта. Сепак, комфорната возачка позиција лесно се наоѓа, сите команди и контроли се јасни и разбирливи, а во внатрешноста на ова возило доминира големиот 8-инчен мултимедијален систем со навигација кој е чувствителен на допир и ги прикажува дополнителните контроли кога ќе му се приближите со раката, пред воопшто да го допрете.

Поврзано:  Skoda се поздравува со минатиот Superb со специјален примерок со скоро 500 коњски сили!

skoda-octavia-rs-tdi-verticalПодготвен сум. Возачката позиција е погодена, седам зад воланот, ставам „во прва“ и почнувам да се движам. Првите импресии се дека и покрај големите 19-инчни тркала и спортската суспензија, ова е изненадувачки комфорен автомобил. Octavia RS добива малку пониска суспензија од стандардната верзија – околу 12 милиметри – и специјални амортизери кои нудат малку поцврсто спортско возење но и покрај тоа успешно ги филтрираат повеќето нерамнини од патот. Ставен во Sport режим на работа, дури и звукот од 2-литарскиот турбодизел е привлечен. Во ред, не е како оној што би се добил од бензинецот, но сепак се работи за моќен, длабок, басест звук кој совршено и прилега на Octavia RS TDI.

Ја притискам педалата за гас и автомобилот моќно повлекува. Бидејќи се работи за модерен, Common Rail дизелски мотор ја нема онаа карактеристичната турбо дупка и нагло забивање во грбот кое сме навикнати да го очекуваме кај постарите дизели.

Всушност, испораката на моќност е толку линеарна и толку рафинирана што никогаш го нема оној момент на „кршење врат,“ туку едноставната реализација дека всушност веќе сме постигнале прилично голема брзина. Благодарение на големиот вртежен момент, движењето е непречено и претекнувањето е лесно. Едноставно – ја притискам педалата за гас, ги претекнувам возилата кои ми пречат и тие се веќе далеку во огледалата.

skoda-octavia-rs-tdi-front-side

Сепак, вистинското изненадување пристигна кога пред Octavia RS TDI ги поставивме вистинските предизвици – кривулест, планински пат кој е вистински тест за управувањето кај еден автомобил. Она што можам да го извлечам како заклучок е дека MQB платформата, соодветно доработена за RS варијантата е одлична! Автомобилот едноставно граби по асфалтот и во ниту еден момент не „попушта.“ Без разлика на свиокот, покажете му на автомобилот во која насока сакате да се движи, и тој послушно ќе го направи тоа.

Секако, тука улога имаат и спортските Pirelli PZero гуми на кои се движеше нашата Octavia RS, но без разлика на сè, останав многу позитивно импресиониран од способностите кои автомобилот ги покажа. Автомобилот се однесува неутрално, без наклонетост ниту кон подуправување, ниту кон надуправување. XDS диференцијалот одлично си ја врши работата и ја дистрибуира моќноста меѓу предните тркала. Доколку тоа го побарате, задниот дел ќе биде подготвен да „заигра“ на ваша команда, но сепак нема потреба од тоа – едноставно, вистинско задоволство е да се ужива во прецизноста на шасијата.

Поврзано:  Новиот Škoda Superb пристигна во Македонија!

skoda-octavia-rs-tdi-rear-side2

Во Sport режимот на работа, моторот подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас и веќе од 1500 вртежи во минута почнува да зема залет, за при околу 2000 вртежи во минута подготвено да ја испорача скоро сета моќност која ја нуди. Подготвено и без проблеми се врти и до 5000 вртежи во минута и скоро и да го нема оној познатиот „ѕид“ кој сме навикнати да го очекуваме кај постарите дизел мотори. За време на нашето возење измеривме потрошувачка од околу 8 литри на 100 изминати километри – но имајте во предвид дека возевме по кривулест, планински пат со сериозни нагорнини и цело време беше вклучен клима-уредот!

skoda-octavia-rs-tdi-side2

Дури и без дополнително опремување, Octavia RS доаѓа многу богато „накитена.“ Сепак, повеќе опрема е повеќе опрема – а тестниот модел беше навистина одлично опремен – покрај големите 19-инчни фелни, тука беше и одличниот навигациски уред, многуте сензори, сензорите за паркирање, Black пакетот кој ги зацрнува многу од хромираните детали, cornering светлата и уште многу други ситници. Јас можеби би го прескокнал големиот (и скап) мултимедијален уред, но без размислување би ги нарачал големите тркала – одлично изгледаат!

Škoda Octavia RS. Очекував да ми се допадне, но не очекував дека волку многу ќе ми се допадне. Ова е навистина автомобил кој може да ги задоволи сите потреби – може да биде моќен, спортски автомобил кој навистина може многу да му понуди на вистинскиот ентузијаст, а од друга страна може да биде и комфорен, практичен, тивок фамилијарен крстосувач кој ќе понуди навистина многу багажен простор – дури 590 литри! Додадете на тоа одлична опременост и безбедност – Octavia освои максимални 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата – и станува јасно дека ова е она што се нарекува „комплетен пакет.“ Навистина е тешко да се најде забелешка кога автомобилот е толку добар. Во ред, некои од пластиките во ентериерот не се на ниво на оние кои се користат во Golf, и можеби дизајнот е малку преконзервативен за некои, но тоа се субјективни ситници за кои едноставно нема потреба да се дискутира.

Поврзано:  ТЕСТ: Škoda Octavia 2.0 TDI 150 DSG Selection - Octavia и понатаму е... Octavia!

На самиот крај, повторно се наметнува вистината дека Škoda Octavia сосема заслужено ја освои наградата за автомобил на годината. Кога ќе се заокружи сликата за овој автомобил со RS моделите, станува јасно дека ова е возило со многу таленти. Се надевам дека луѓето во Volkswagen се свесни – најголемиот непријател на Golf GTI доаѓа од внатре!

skoda-octavia-rs-tdi-rear-side-sign

  • 2-литарски турбо-дизелски агрегат
  • Моќност: 184 коњски сили / 3500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 380 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 232 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.1 секунди
  • Должина: 4659 mm
  • Ширина: 2016 mm (со отворени ретровизори)
  • Висина: 1461 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2686 mm
  • Багажен простор: 590 литри
  • Потрошувачка:  7.8 литри на 100 км (измерена)
  • Цена на основниот модел: Skoda Octavia RS TDI – 23.650 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Skoda Octavia RS TDI – 28.000 Еврa
    Повеќе информации: Skoda.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.