ТЕСТ: Mazda 3 Sedan 1.5 SkyActiv-G Revolution – За оние кои сакаат стил и дизајн, но и повеќе простор! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda 3 Sedan 1.5 SkyActiv-G Revolution – За оние кои сакаат стил и дизајн, но и повеќе простор!

Седан-изведбата на популарната Mazda 3 се покажа како интересен сопатник кој и покрај помалиот мотор понуди сосема доволно перформанси, изненадувачка економичност и навистина многу простор!

Mazda 3 не ни е непознат автомобил – веќе ја возевме хечбек варијантата на овој модел, опремена со одличниот 2-литарски SkyActiv-G бензинец. Овој пат ја имавме на тест седан-изведбата која одлично ја дополнува понудата и на оние на кои им е потребен малку попрактичен и попросторен автомобил целосно им ги задоволува потребите.

Сепак – да започнеме од почетокот – а тоа е од дизајнот. Предниот дел ќе биде веднаш препознатлив за сите кои веќе го познаваат хечбекот – а тука се истакнува одличниот KODO дизајнерски јазик на Mazda кој се следи кај сите тековни модели, но кој истовремено ветува многу и за идните модели. Она што е интересно е дека Mazda 3 Sedan е значително подолга (околу 120 милиметри) од хечбекот но истовремено автомобилот е и 15 милиметри понизок. Во комбинација со одличните 18-инчни фелни, автомобилот изгледа спортски ниско и притаено кон подлогата. Во нашите очи, седанот изгледа поубаво и од хечбекот – пропорциите се одлично погодени!

mazda-3-sedan-rear2

Штом ќе ја отворите возачката врата, ќе ве пречека ентериер за кој не само што се користени квалитетни материјали, туку е и со одлично погодена ергономија. Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција зад управувачот, а сите контроли се јасни и логично поставени. Прегледноста е задоволителна а маневрирањето во тесни простори го олеснува паркинг камерата која е дел од Revolution нивото на опрема. Секако, мораме да го истакнеме и одличниот мултимедијален уред кој доаѓа и со уред за навигација. Кога станува збор за просторноста во ентериерот – Mazda 3 Sedan е во самата средина на класата. Има автомобили кои имаат помалку простор, но има и конкуренти кои нудат повеќе простор. Сепак, просторот внатре не е за потценување – Mazda 3 без никаков проблем ги исполни сите барања кои ние ги поставивме пред неа.

mazda-3-sedan-interior

Онаму каде Mazda 3 Sedan грациозно го надминува својот хечбек-роднина е во багажниот простор. Хечбекот нуди 364 литри багажен простор, но седанот нуди импресивни 420 литри. Отворот е со правилна форма и лесно се внесуваат и поголеми предмети во багажниот простор. Како и кај другите автомобили во оваа класа, потенцијален проблем се носачите на вратата на багажниот простор. Овие носачи навлегуваат во самиот багажен простор кога го затворате багажникот, па ќе морате малку да маневрирате околу нив кога ќе си играте тетрис со сите работи кои сакате да ги сместите внатре.

Да позборуваме малку и за бензинецот со кој беше опремена нашата тестна Мазда 3. Малиот, 1.5-литарски бензинец оди спротивно на тековните трендови за мали турбо мотори. Атмосферскиот бензинец испорачува 100 коњски сили на 6000 вртежи во минута и 150 Nm вртежен момент на 4000 вртежи во минута – во комбинација со 6-степениот мануелен менувач тоа е доволно за 10.7 секунди до 100 километри на час и максимална брзина од 185 километри на час. Перформансите на овој мал бензинец се задоволувачки, а особено радува и ниската тежина која не само што влијае на агилноста, туку и на ниската потрошувачка. Автомобилот тежи околу 1200 килограми, а ние измеривме потрошувачка од околу 7.5 литри во градски услови. Изненадувачки пријатен беше и звукот од малиот бензинец кој со спортска нота од издувниот систем се раздвижуваше низ целиот опсег на вртежи.

На отворен пат се чувствува дека сепак подобар избор би бил некој од помоќните мотори – не е дека му недостасува сила, но сепак ќе треба малку повеќе да го планирате претекнувањето.

mazda-3-sedan-interior2

Како и хечбекот, така и седанот изненадува со својата агилност и подготвеност за совладување свиоци. Одличната и лесна шасија во комбинација со големите фелни и нископрофилните гуми ги исполнија ветувањата за спортски дух во возењето. Автомобилот се однесува неутрално, и иако ако претерате е малку склон кон подуправување, тоа лесно се компензира и автомобилот верно и доверливо ја следи саканата траекторија. Цената која се плаќа со тие големи и привлечни фелни е малку потврдото возење, но не забележавме непотребно и прекумерно пренесување на вибрации во ентериерот. Управувачот пренесува доволно информации за да знаете во секој момент што се случува со предните тркала, па доколку решите, можете навистина да се забавувате во Mazda 3!

mazda-3-sedan-details

На крајот, можеме да зборуваме и за опремата и безбедноста. Бидејќи се работеше за модел со високото Revolution ниво на опрема, добивме одлични ксенонски светла со LED дневни светла, паркинг камера, седишта со греење, навигациски уред, темпомат, Keyless стартување, одличен аудио уред со можност за користење надворешни извори за музика, Bluetooth, едно чудо воздушни перници, разно-разни сензори за дожд и светлина, Heads-Up дисплеј и уште многу други корисни работи – вака би требало да биде опремен секој автомобил! Секако, покрај многуте воздушни перници, тестниот модел имаше и цела лепеза на електронски безбедносни системи како што се ABS, ESP, Rear Vehicle Monitoring системот кој ве известува доколку има автомобил во слепата точка, но од особено значење е и одличниот резултат на EuroNCAP тестирањата – Мазда 3 освои максимални 5 ѕвездички на стандардизираниот тест за безбедност – и не би ни очекувале ништо помалку.

mazda-3-euroncap

mazda-3-sedan-front-side

На крајот можеме да сумираме дека Mazda одлично ја пополнува гамата на еден од своите најпопуларни автомобили. Седанот е тука да го дополни хечбекот како модел и да понуди повеќе избор на потенцијалните купувачи. Во нашите очи седанот изгледа попривлечно од хечбекот и доколку го нарачате со вистинскиот мотор, тогаш навистина ќе имате автомобил кој е подготвен да се справи со сите предизвици!

  • 1.5 – литарски атмосферски бензински мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 100 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 150 Nm / 4000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 185 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.7 секунди
  • Должина: 4580 mm
  • Ширина: 2053 mm
  • Висина: 1450 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2700 mm
  • Багажен простор: 420 литри
  • Потрошувачка: 6.4 (официјална, градска), 7.5 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mazda 3 1.5 Skyactiv-G Revolution – 18.980 Евра
    Повеќе информации: Mazda-mk.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.