NISMO за Nissan е она што AMG е за Mercedes-Benz или М за BMW – и експертите од Nissan Motorsport поработеа на спортското купе на јапонскиот производител – одличниот 370Z!
Она што купувачите на 370Z NISMO ќе го добијат е преработен екстериер со нови браници, нови LED дневни светла и црвени детали по целата надворешност на автомобилот. Дополнително, вграден е нов, помал заден спојлер, нови 19-инчни фелни, странични прагови и уште некои поситни детали. Ентериерот добива нови спортски седишта обложени со кожа и детали од алкантара, како и црвени опшивки. Nissan сега на купувачите ќе им нуди и Tech пакет со кој ќе добијат навигациски уред со 7-инчен дисплеј чувствителен да допир, задна камера, Bluetooth и други ситници кои навистина значат.
Секако, доработена е и суспензијата, која сега ветува уште поспортско возење и подобри перформанси на тркачката патека. Nissan за прв пат ќе нуди и 7-степен автоматски менувач за оние кои не сакаат самите да си ги менуваат брзините. Менувачот доаѓа со Downshift Rev Matching технологија која при одење во понизок степен на пренос малку додава гас за да се добие чувство на спортско возење, но и за пофино менување на брзините. Покрај целосно автоматскиот режим на работа, менувачот нуди и мануелно менување со помош на лопатките поставени на воланот.