Патеката во Шпанија не простува грешки – Иџе се подготвува за уште еден настап! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Патеката во Шпанија не простува грешки – Иџе се подготвува за уште еден настап!

Најдобриот македонски автомобилист викендов на исклучително тешката патека во Шпанија најавува пеколно тешка трка!

Пиринејската авантура на најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски Иџе продолжува викендов со четвртата трка од Европското првенство на ридски патеки на патеката Субида ал Фито на крајниот северозапад на Шпанија во близина на градчето Ариондас во провинцијата Астурија. Пласманот на третото место наместо на највисокото скалило на подиумот во Португалија е минато, а Стефановски со малата екипа и неговиот Mitsubishi Lancer Evo IX во Ариондас пристигнаа уште од понеделникот и имаа доволно време да се запознаат со патеката. Сепак, според зборовите на Иџе, првите впечатоци не се премногу ветувачки.

„Ако треба да ја опишам трката со една реченица, тогаш можам да кажам дека оваа патека не простува грешки. Главниот проблем е што на поголем дел од патеката, веднаш до работ на асфалтот, има огради и се добива чувство дека возите низ тунел. Тоа значи дека при најситна грешка или мало излетување удирате во заштитната ограда и тоа е крај на трката. Од возачки аспект, тоа значи дека нема кратење на свиоците, нема премногу внатрешен или премногу надворешен влез во свиоците, задниот дел од возилото мора да е стабилен при излезот од свиокот… Тоа ќе бара поинаков стил на возење и огромна концентрација“ – вели Стефановски.

www.facebook.com/ruisilvaphotography

Патеката Субида ал Фито е долга 5,3 километри. На програмата се три трки, една в сабота и две в недела, а за пласман се сметаат двете најдобри постигнувања од трите возења. Голем проблем на претстојната трка и конфигурацијата на теренот, но и лошите временски услови:

„Исто така, кон средината на патеката се влегува во една многу густа шума која е комплетно еднолична и ја прави ориентацијата многу тешка. Во тој дел многу лесно се губи концентрацијата кој свиок следи затоа што се околу вас делува комплетно исто. Проблем ќе биде и времето. Откога сме дојдени постојано е влажно, малку врне, па се суши, па пак врне. Ако така биде викендов, ќе биде многу напорно.“

Во делот на конкуренцијата, според стартната листа, во групата N, во која се натпреварува Стефановски, освен него има пријавено уште четири возачи. Бидејќи е исполнет минимумот од 5 возачи во групата, во игра е полниот фонд на бодови. Пријавени се неговите двајца противници од трката во Португалија, Чехот Јиржи Лос и Шпанецот Серхи Панела и плус уште двајца домашни возачи Хесус Монтес и Хозе Бланко Росалес, сите со исто возило како и Стефановски. Добра вест е што шпанскиот шампион во групата N, Марселињо Хевиа кој лани ги преслуша гостите од Европа на оваа патека, оваа сезона не вози на ридските натпревари и нема да учествува на оваа трка. Во Португалија Иџе беше побрз од Лос и Панела, но нашиот ас не сака да се потпре на впечатоците од претходната трка.

www.facebook.com/ruisilvaphotography

„Ова е чисто техничка патека. Има многу брзи свиоци и поради тоа што го кажав претходно бара поинаков стил на возење. Потребно е многу знаење и искуство од патеката. Знаењето го имаме, но искуството не. Лос, Панела и останатите конкуренти имаат по 4-5 настапи зад себе на Субида ал Фито, а мене ми е прв пат. Од друга страна, за прва пат ги возев и патеките во Франција и Португалија, и тие си имаа свои специфичности, но релативно брзо ги научив. Оваа шпанската е многу поразлична. Секако дека се надеваме на победа и ќе атакуваме на највисок пласман, но ова ќе биде еден пеколно тежок викенд“ – вели Иџе.

Поврзано:  Mitsubishi најави два нови SUV модели

Вкупниот број на пријавени учесници е нешто помал од стандардот за трките за ЕП. Во Шпанија учество ќе земат само 66 болиди, прототипи и автомобили од кои 29 се во конкуренција за европскиот шампионат.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.