Организаторите на трката во Рампа да Фалпера, Брага, направија тотален хаос со известувањата и резултатите, а најголем губитник беше најдорбиот македонски возач!
Место трета победа во третата трка од Европското првенство на ридски патеки, најдобариот македонски возач – Игор Стефановски Иџе – со големо разочарување ја напушта Португалија и трката Рампа да Фалпера во Брага откако поради контроверзната одлука на жирито натпреварот го заврши на третото место.
Тој со својот Mitsubishi Lancer Evo IX ја осигура победата во групата N со одлични возења во првите две трки (2:21.9 и 2:21.7 минути) кои беа недостижни за другите двајца конкуренти во оваа група – Чехот Јиржи Лос (2:24.2 и 2:23.8 минути) и Шпанецот Серхи Пинела (2:25.0 и 2:28.0 минути). Со оглед дека се сметаат двете најдобри постигнувања од три возења, Стефановски во третата трка реши да не ризикува и со послабо темпо, штедејќи ги гумите и возилото, патеката ја мина за време од 2:44,2 минути. Но, по прогласувањето македонскиот тим ја дозна шокантната информација дека организаторот ја поништил првата трка и за важечки ги смета резултатите само втората и третата, според кои Иџе е пласиран на третото место во својата група!
“Главниот проблем настана што соопштението на жирито беше објавено на огласната табла само на португалски јазик, наместо двојазично, односно уште на англиски или француски како официјални јазици на ФИА. Во неделата немаше ни возачки брифинг за да ни се соопшти одлуката, ниту пак некој од организаторите зборуваше англиски. Целата организација беше многу лоша, но ова со менувањето на резултатите беше врв! Не бев само јас, туку и во другите класи и групи настана хаос по прогласувањето и имаше оштетени возачи. Протестиравме и кај организаторот и кај делегатот на ФИА, а најгласни беа возачите во класата на болиди бидејќи и таму имаше големи промени во пласманот, но веќе беше доцна било што да се смени“ – вели Стефановски.
При крајот на првата трка која се возеше во саботата (другите две беа на програмата во недела) дојде до излетување на еден од Формула 3 болидите и трката беше прекината се додека не се расчисти патеката, но тоа одзеде многу време и не стартуваа преостанатите 30-тина натпреварувачи. Иџе и поголемиот дел од учесниците до тој момент веќе ја имаа комплетирано првата трка и сметаа дека нивните резултати се важечки, но организаторите решиле првата трка да не биде продолжена и за пласман да одлучуваат неделните трки дури и за класите кои не биле погодени од прекинот. За жал, таа одлуката била објавена на португалски и поголемиот дел од натпреварувачите не биле запознаени со решението на жирито.
Тоа направи вистински хаос на прогласувањето и поделбата на наградите, а оштетените возачи се жалеле кај делегатот на ФИА, но не можеле да ја истераат правдата бидејќи официјалното време за поднесување жалби било поминато. Откако го дознале официјалниот став, прво Лос, а потоа и Пинела, кои исто така не биле запознаени со одлуката на жирито, одбиле да ги примат наградите за прво и второ место и инсистирале Стефановски да го задржи пехарот и наградата за првото место.
“Најсмешно од сè е што на прогласувањето ми ги доделија пехарите за најбрз автомобил во конкуренција на ЕП и победник во групата N! Ревидираните резултати ги дознавме дури кога се упативме да ги подигнеме паричните награди. Дури и спикерот на прогласувањето ги читаше првичните, а не ревидираните резултати. Се уште не ми се верува што се случи. Ваков пропуст е невозможен на другите трки од европскиот календар. Пријатно бев изненаден од гестот на конкурентите, посебно од Лос кој инсистираше да го задржам пехарот за прво место и не сакаше да го подигне. И тој самиот реагираше дека ова не е фер затоа што ниту тој немаше поим дека првото возење е поништено“ – додаде Иџе.
Трката во Португалија освен за Европскиот шампионат се бодуваше и за португалското и шпанското првенство, а на неа настапија 132 прототипови, болиди, формули и комерцијални автомобили. Поради далечината и трошоците, во Брага учествуваат помал број натпреварувачи за европскиот шампионат – само 19 екипажи., а во групата N, Иџе имаше послаба конкуренција отколку на претходните две трки во Франција и Австрија. Севкупен победник во Португалија, исто како и на претходните две трки, беше Италијанецот Симоне Фаџиоли со прототип Norma M20.
Стефановски место 12.5 освои 7.5 бода, но и покрај тоа го задржа првото место во генералниот пласман со 57.5 пред Лос со 48.5 и Австриецот Кристијан Швајгер со 38 бодови. Следната трка е претстојниов викенд во Шпанија.
CARclub жали за несреќните околности и му посакува на Иџе и понатаму да продолжи со серијата одлични успеси!