Баварците ја најавуваат идната Серија 7 со новиот концепт кој не само што ја покажува дизајнерската насока во која ќе се движи знаменосецот на брендот, туку и новите технологии кои ќе го придвижуваат.
Vision Future Luxury Concept евоцира спомени на минатогодишниот Pininfarina Gran Lusso купе-концепт и очигледно влече некои дизајнерски елементи од него. Сепак, со новиот концепт челниците на BMW потврдија дека она што денес го гледаме ќе прерасне во новата Серија 7 и дека нема да се работи на нов знаменосец кој евентуално би се викал Серија 9.
Ниската линија на концептот ја дополнуваат задните Suicide врати, а патниците добиваат индивидуални стилизирани седишта, таблети и мали масички за да можат да патуваат во максимален комфор. За возачот и совозачот е задолжен кокпит кој изгледа како да е од некој друг свет, највеќе благодарение на трите екрани кои како да се замотуваат околу возачот. Дополнително, автомобилот нуди и нова технологија во форма на Heads-Up дисплеј кој проектира одредени информации директно на ветробранското стакло во линијата на поглед на возачот. Тука се и новите Laserlight предни светла кои имаат концентрирани и паралелни снопови светлина кои се до 10 пати посилни од оние кај LED светлата. Задниот дел го красат интересно изведени OLED задни светлосни групи.
Според Karim Habib, човекот одговорен за дизајн во BMW, новиот Vision Future Luxury Concept е логичен чекор напред со оглед на прецизноста и квалитното внимание посветено на секој детал.