Mercedes-Benz објави дека атмосферскиот SL 350 ќе го замени со турбо-полнетиот SL 400 кој испорачува дополнителни 27 коњски сили и 110 Nm вртежен момент!
Досегашниот 3.5-литарски атмосферски V6 бензинец ќе биде заменет со 3-литарски твин-турбо V6 бензинец, но ознаката на моделот ќе биде SL 400 (односно зголемена) со цел да се потенцира зголемената моќност. SL 400 ќе има 333 коњски сили и 480 Nm вртежен момент – зголемување за 27 коњски сили и импресивни 110 Nm вртежен момент.
Но и покрај зголемената моќност, новиот SL ќе биде малку поекономичен од моделот во заминување – потрошувачката се намалува од 7.5 на 7.3 литри (според NEDC), но веќе знаеме дека тие бројки ќе бидат далеку од достижни во реалниот свет. Емисијата на штетни гасови изнесува 172 грама CO2 на изминат километар, а моторот ги задоволува EU6 стандардите за екологија. Моторот има ново директно вбризгување со Piezo инјектори кои дозволуваат до 5 вбризгувања секој циклус и до четири искрења секоја милисекунда! Според официјалната објава од Mercedes-Benz, по првичното искрење системот многу брзо е повторно подготвен да пушти искра, и тоа до четири пати во милисекунда. Со тоа се постигнува многу поефикасно согорување, односно искористување на горивото и се намалуваат штетните гасови.
Преведено во муабет кој можете да го правите со вашите пријатели – 100 километри на час за 5.2 секунди и максимална брзина од 250 километри на час.
Цената на SL400 во Германија ќе започнува од 97.282 евра со вклучен Германски ДДВ од 19%.