По само 6 месеци од појавувањето во Холандија, Mitsubishi Outlander PHEV повторно со нов рекорд – односно вкупно 10.000 испорачани возила во оваа држава.
Ова е само уште една потврда за успехот во лансирањето на Outlander PHEV plug-in hybrid возилото, односно возило со погон на бензински и електричен мотор. Огромниот интерес кој е покажан во Холандија за Outlander PHEV го потврдува и бројката од вкупно 13.700 нарачани возила, додека вкупно во Европа (без Украина и Русија) се нарачани 19.100 возила.
Оваа година, според планот за производство на Outlander PHEV ќе бидат произведени 50.000 примероци, од кои најголемиот дел се наменети токму за Европа. Mitsubishi Motors планира до 2020-тата година 20% од автомобилите кои ќе ги продаде да бидат електрични.
Outlander PHEV поседува 2.0 бензински мотор и два електрични мотора поставени напред и назад, кој секој од нив има моќност 60 KW. Возилото може самостојно да се движи само на електричен погон и да се дополнува со електрична енергија при движење или со надворешен полнач. Максимален опсег на движење само со електричен погон е 55 км, а во комбинација со бензинскиот мотор може да измине дури 880 км. Просечна комбинирана потрошувачка на возилото изнесува 1,63 литри гориво на 100 км. Ние веќе направивме сèопфатна панорама на Outlander PHEV во која ги опфативме сите детали околу овој интересен и технолошки-напреден автомобил, а веќе го возевме и Outlander опремен со одличниот 2.2-литарски турбодизел.