Концептот кој Volkswagen го претстави во женева е своевидна најава за нови SUV возила од Volkswagen – дали ќе видиме компактен кросовер базиран на Scirocco?
Челниците на Volkswagen сè уште не потврдуваат дали од T-Roc ќе произлезе сериски модел, но не ја ни негираат можноста. Сега за сега само кажуваат дека T-Roc ја покажува насоката кон можен иден SUV модел.
Концептот е долг 4179 милиметри, широк 1831 милиметар и висок 1501 милиметар. Интересен е поради дизајнот кој наместо конвенционални пет врати, нуди Targa дизајн со кровни панели кои се отстрануваат и автомобилот станува „кабриолет“. Концептот е тежок 1420 килограми, а е придвижуван од 2-литарски турбодизел со 184 коњски сили и 380 Nm кој преку DSG менувач ја испраќа силата кон сите четири тркала благодарение на 4Motion системот за погон на сите тркала со Haldex спојка.
T-Roc забрзува до 100 километри на час за 6.9 секунди, а максималната брзина е 210 километри на час. Истовремено, потрошувачката е само 4.9 литри на 100 изминати километри. Како и многу други модели на Volkswagen групацијата, и T-Roc е направен врз MQB платформата.