Новиот Seat Leon Cupra 280 успеа да постави нов рекорд за автомобил со преден погон на тркачката патека Nurburgring, со време од 7 минути и 58.4 секунди.
Спортскиот компакт беше умешно управуван од тркачкиот возач Џорди Џене, кој ја помина патеката со просечна брзина од 154.9 км/ч и максимална брзина од 242 км/ч, со што го помина долго недостижното време од 2011 на Renault Megane RS 265 за речиси 10 секунди. Тој возеше сериски модел опремен со опционалните Michelin Pilot Sport Cup 2 пневматици, што значи дека неговото време е сосема регуларно.
За потсетување, Leon Cupra 280 е најмоќниот автомобил произведен од Seat, кој може легално да се вози по патиштата. Благодарение на неговиот 2.0-литарски четири-цилиндарски турбо-бензински агрегат со 280 коњски сили и 350 Nm, тој постигнува забрзување од 0-100 км/ч за 5.8 секунди и електронски ограничена максимална брзина од 250 км/ч.
Сепак, борбата не завршува тука. Токму напротив, таа станува уште пожестока! Honda и Opel веќе најавија напад на „зелениот пекол“ со претстојниот Civic Type R и новата Astra OPC EXTREME – останува да видиме колку ќе бидат успешни во нивната цел.