Новиот Rapid Spaceback е природна еволуција на успешниот Rapid – хечбек изведбата нуди зголемена доза на функционалност која ја надополнува сликата за практичност по достапна цена кон која се стреми малиот Чешки автомобил.
Добро де, Rapid Spaceback (односно, и Rapid) не е мал автомобил – барем не во смислата на мали, градски автомобили како Skoda CitiGo. Ние пред скоро една година го возевме Rapid и останавме со генерално позитивни импресии од Чешкиот автомобил со Германски гени наменет за купувачите кои сакаат да добијат навистина многу за своите пари.
Предниот дел на Spaceback изгледа идентично како и кај стандардниот Rapid. Разликите почнуваат од средината на автомобилот каде што веќе се препознава различната форма – Spaceback е оформен како класичен хечбек, благодарение на скоро вертикалната петта врата. Формата му овозможува поголема практичност, особено ако имате потреба да пренесувате поголеми предмети. Сепак, имајте во предвид дека Spaceback е и 180 милиметри пократок од обичнот Rapid, па со тоа е и полесен за маневрирање и паркирање во градски услови.
Резултат на намалувањето на должината на Spaceback е и намалениот багажен простор од 550 на 415 литри – тоа е значително намалување, но се компензира со правилниот отвор на багажниот простор.
Ентериерот е идентичен како кај обичниот Rapid, но благодарение на хечбек формата, сега има малку повеќе простор за главите на задните патници. Сите површини се обложени со квалитетни, иако наместа груби материјали. Нашиот тестен Spaceback беше со малку повисоко ниво на опрема, па дојде со кожен управувач и менувач, спортско-профилирани седишта и алуминиумски педали. Да, ова не се елементи кои би очекувале да ги видиме во ваков автомобил но беа пријатно изненадување и комфорните седишта навистина можеме да ги препорачаме без никаква резерва – би сакале само седењето да беше уште малку пониско.
Со задоволство приметивме дека инженерите на Skoda малку поработеле и на комфорот при возење на Rapid Spaceback. Намалено е пренесувањето на вибрации од подлогата во кабината и генерално е зголемен комфорот при патување. Да не се разбереме погрешно – Rapid не е луксузна лимузина, но сосема добро се справува со нерамнините и ситните инперфекции на улиците.
Како и минатиот пат, и овој пат позитивни импресии ни остави малиот 1.2-литарски TSI мотор со 85 коњски сили. Забрзувањето до 100 километри на час трае 11.7 секунди а максималната брзина изнесува 180 километри на час. Впарен со одличен 5-степен менувач кој е вистинско задоволство да се користи, 1.2-литарскиот TSI оддава вистинско чувство на живост и подготвено реагира на притискање на педалата за гас. Потрошувачката во градски услови изнесуваше малку под 7 литри на 100 километри, а во оние моменти кога бевме навистина внимателни и претпазливи успеавме да ја симнеме и уште малку подоле.
Skoda Rapid ги задоволува и највисоките безбедносни стандарди – со пет ѕвездички на EuroNCAP тестирањата можеме да бидеме сигурни дека седиме на безбедно. Нашиот тестен модел дојде со неколку воздушни перници и завеси, ABS, контрола на тракција и ESP контрола на стабилност. Дополнително, покрај стандардната опрема која доаѓа со нивото Ambition, нашиот Rapid Spaceback имаше и металик сребрена боја, 15-инчни алуминиумски фелни кои значително ја освежуваат надворешноста, мал кожен пакет кој веќе го спомнавме и Dynamic ентериер кој ги носи спортски-профилираните седишта и уште некои детали.
На крајот, ни останува само да ги сумираме нашите заклучоци – и доаѓаме до очигледниот заклучок кој го имавме кога го возевме и обичниот Rapid. Rapid Spaceback е автомобил кој има некои недостатоци, особено во поглед на текстурата на некои од материјалите кои се користени во ентериерот, а ние би посакале и уште малку звучна изолација, но од друга страна нуди многу простор, функционалност, сосема доволно опрема и доволно моќни мотори.
Немојте да ја направите грешката да го сметате Rapid Spaceback за караванска изведба на Rapid, бидејќи не е тоа – Rapid Spaceback е наменет за млади фамилии со активен животен стил кои сакаат автомобил кој безбедно и комфорно ќе ги однесе на нивната дестинација, а истовремено ќе биде доволно просторен и практичен за секојдневните обврски.
- 1.2-литарски турбо-бензински агрегат
- Моќност: 85 коњски сили / 4800 вртежи во минута
- Вртежен момент: 160 Nm / 1500 вртежи во минута
- Максимална брзина: 180 км/час
- Забрзување 0-100: 11.7 секунди
- Должина: 4304 mm
- Ширина: 1706 mm
- Висина: 1459 mm
- Меѓуоскино растојание: 2602 mm
- Багажен простор: 415 литри
- Потрошувачка: 6.8 литри на 100 км (измерена, градска)
- Цена на моделот без дополнитена опрема: Skoda Rapid 1.2 TSI Ambition – 11.950 евра
- Цена на тестираниот модел: Skoda Rapid 1.2 TSI Ambition – 13.170 евра
Повеќе информации: Skoda.com.mk
Фотографија: Дејан Маликовски