Откако покажа неколку фотографии со кои само ги подгреваше обожувателите, Volvo и официјално го објави концептот со кој ќе ги привлекува погледите на посетителите во Женева!
Concept Estate е интересна Shooting Brake изведба на Volvo и го следи дизајнерскиот јазик кој веќе го најавија со Concept Coupe и Concept XC Coupe. Овој пат, пред нас имаме интересен и привлечен концепт кој не само што изгледа несекојдневно, туку има и многу несекојдневни детали кои навистина се истакнуваат – а одличен пример се предните светла изработени во LED технологија кои имаат несекојдневна T-форма.
Концептот е поставен на 21-инчни фелни кои евоцираат спомени на Volvo 1800ES од почетокот на 70тите години на минатиот век. На задниот дел се забележуваат двојните хромирани издувни цевки, и е дизајниран на истата Scalable Product Architecture (SPA) платформа врз која се изградени и другите два концепти.
Во внатрешноста повеќето од контролите се достапни преку централниот контролен панел во форма на таблет. Според Volvo, чувството во внатрешноста треба да биде како во Скандинавска дневна соба, благодарение на квалитетните материјали како што се квалитетната кожа, квалитетното дрво и бакарните детали.
Volvo ќе го претстави Estate Concept во Женева, а ние се надеваме дека ќе имаат храброст да направат барем мала, лимитирана серија од овој прекрасен автомобил!