По електричниот Golf, Volkswagen го претставува хибридниот Golf кој ќе ја заокружи спортската нишка во Golf фамилијата!
Ако до сега купувачите кои сакаа спортски Golf можеа да одбираат помеѓу Golf GTI, GTD и монструозниот Golf R, сега ќе можат да изберат и хибриден спортист. Golf GTE го придвижува комбинација од 1.4-литарски TSI бензински мотор со 150 коњски сили и електромотор кој испорачува 101 коњска сила, а вкупната, системска моќност изнесува 201 коњска сила и 350 Nm вртежен момент.
Ако го возите Golf GTE како електрично возило, ќе можете да поминете до 50 километри и да постигнете максимална брзина од 130 километри на час. Доколку ги користите обата мотори ќе постигнете 100 километри на час за 7.6 секунди, а максималната брзина е 217 километри на час. Бидејќи е Plug-In хибридно возило, потрошувачката е екстремно ниска и изнесува само 1.8 литри на 100 изминати километри, додека емисијата на штетни гасови е само 35 грама CO2 на изминат километар. Вкупната автономија на Golf GTE изнесува импресивни 940 километри.
Golf GTE истовремено наликува и на електричниот e-Golf и на спортскиот Golf GTI и претставува најдоброто од двата светови. Бидејќи е Plug-In хибрид ќе добие и некои ексклузивни инструменти кои ќе му овозможуваат на возачот точен увид во тоа што се случува со неговиот автомобил.