Земете го предниот дел од McLaren P1, задниот од 12C, додајте малку магија и дел од знаењето на McLaren и ќе го добиете новиот 650S!
Името на моделот истовремено ја кажува и бројката на коњски сили – 650! Според официјалните податоци од McLaren, 25% од деловите во 650S се изменети и подобрени во однос на 12C. Работено е на моторот, но и на аеродинамиката – моторот е истиот 3.8-литарски твин-турбо V8, но сега испорачува 25 коњски сили повеќе, а има и повеќе вртежен момент – скоро 680 Nm!
На 650S му се потребни точно 3 секунди до 100 километри на час, 8.4 секунди за 200 километри на час, а максималната брзина останува иста – 333 километри на час! Благодарение на поцврстото подвозје и подобрената аеродинамика, од 650S се очекуваат и подобри возни својства, но и зголемена стабилност при повисоки брзини. Купувачите ќе добијат и повеќе опрема, а електронските безбедносни системи на автомобилот ќе дозволат малку повеќе пролизгување и малку повеќе забава во однос на 12C.
За тоа колку дизајнот влијае на перформансите зборува и фактот дека при брзини од 250 километри на час, автомобилот сега има 40% повеќе поттисна сила која го прилепува до подолгата. Својата официјална премиера 650S ќе ја има во Женева, а продажбата ќе започне набргу по премиерата.