Неколку дена се дружевме со втората генерација на C-Max – и фамилијарниот MPV ни остави навистина одличен впечаток!
Сегашниот C-Max е на пазарот веќе неколку години и е најпродаваното вакво возило во Македонија. Решивме да поминеме неколку дена со него и подобро да ги запознаеме неговите особини.
На самиот почеток вреди да споменеме дека C-Max е изграден на платформата на сегашниот Ford Focus. Тоа ветува многу, особено во насока на управливост и забава при возење, но за тоа ќе дискутираме малку подоцна – да започнеме со дизајнот.
Инспириран од привлечниот Iosis Max концепт на Ford претставен во 2009-тата година, новиот C-Max изгледа модерно и привлечно. Ги нема задните лизгачки врати на концептот (кои ги има помалиот B-Max, но и поголемиот Grand C-Max со седум седишта), но карактерните линии се веднаш препознатливи. Иако се работи за MPV (повеќенаменско) возило, сепак првичните импресии не се „комбести“ туку C-Max изгледа како малку поголем Focus – од скоро секој агол изгледа ненаметливо и пријателски, како да Ве поканува поблиску да го запознаете. Би препорачале да изберете некоја малку повесела боја, како и еден број поголеми фелни за целносно да го постигнете ефектот кој треба овој автомобил да го има – но тука веќе зборуваме за вкусови. Сепак, можеме да кажеме дека C-Max успешно ја следи дизајнерската насока на Ford и изгледа модерно, привлечно и соодветно во сите ситуации.
Благодарение на Titanium нивото на опрема, нашиот C-Max беше навистина комфорно и пријатно место за поминување време. Во внатрешноста ќе ве пречекаат воглавно квалитетни материјали и фини пластики. Возачката позиција е висока, но не превисока а прегледноста е одлична. Единствен проблем околу прегледноста се прилично широките D-столбови, но благодарение на големите стаклени површини во внатрешноста има многу светлина и лесно се снаоѓавме во сите услови.
На прв контакт, можеби ќе ве уплаши бројката на прекинувачи, но без страв – ергономијата е на солидно ниво и навистина брзо ќе се навикнете на сите контроли кои се логично поставени. Одлично изгледаат и ситните детали со метален ефект кои ја освежуваат внатрешноста. Менувачот е поставен блиску до управувачот и е со краток и прецизен од. Единствено не ни се допаднаа горните копчиња на командите на воланот кои се налегнати нанапред и се малку проблематични за употреба.
Задната клупа на Ford C-Max нуди уште едно изненадување – благодарение на Comfort системот, средното седиште може да биде повлечено наназад, а двете странични седишта да добијат повеќе простор. Навистина практично и комфорно ако патуваат само двајца патници позади. C-Max може да се пофали со 471 литар багажен простор – повеќе од доволно и за подолги патувања. Со преклопување на задните седишта седобиваат вкупно 1723 литри.
Сега веќе може да зборуваме и за моторот. Опремен со 1.6-литарскиот турбодизел, C-Max има на располагање 115 коњски сили при 3600 вртежи и 270 Nm вртежен момент достапен од 1750 до 2500 вртежи во минута. Забрзувањето до 100 километри на час трае 11.3 секунди, а максималната брзина е 184 километри на час. Според официјалните податоци, Ford C-Max троши околу 5.4 литри на 100 изминати километри, а ние измеривме нешто помалку од 7 литри на 100 километри во градски услови.
Она што вистински радува кај C-Max е забавата при возење која може да ја понуди. Да, знаеме дека MPV и забава при возење не се логичен пар, но верувајте дека е така – а за тоа е заслужна токму основата од Ford Focus која веќе ја спомнавме. Директното, прецизно и брзо управување во комбинација со одличната шасија се добитнички погодена комбинација. Да, C-Max е големо возило, но тоа не значи дека не може да биде забавен за возење – баш напротив, C-Max е одлично возило за оние татковци кои и покрај тоа што имаат деца и морале да се откажат од спортскиот автомобил, сепак сакаат да уживаат во возењето кога ќе ги остават децата на базен и ќе се најдат сами зад воланот. Истовремено, амортизацијата ги впива нерамнините и е доволно комфорна и за на подолги патувања.
Со Titanium нивото на опрема доаѓа и завидната опременост. Одличен клима уред, помош за тргнување на угорници, Keyless пристап, сензори за дожд, автоматски светла, самозатемнувачки внатрешен ретровизор, лумбарна поддршка на возачкото седиште, лизгачка задна клупа, одличен аудио уред со USB конекција, Bluetooth, гласовни команди, контроли на волан, темпомат, сензори за притисок во гумите, 16-инчни алуминиумски фелни, многу хром на надворешноста, амбиентално осветлување, многу воздушни перници, менувач и управувач обложени со кожа и многу други ситници – опременост за почит! Секако, мораме да ги споменеме и максималните 5 ѕвездички на EuroNCAP тестовите за безбедност.
Она што останува како мисла на крајот е дека C-Max е одличен компромис. Од една страна имаме практично и комфорно фамилијарно возило, а од друга страна имаме автомобил кој е забавен за возење, економичен и безбеден. Да, на поголемите фамилии ќе им треба дополнителниот простор кој го нуди Grand C-Max, но и овде понудата на простор е сосема добра. Ако го земеме во предвид и рафинираниот и економичен турбодизел, тогаш заклучокот дека C-Max е победничка комбинација самиот се наметнува.
- 1.6-литарски турбодизел
- Моќност: 115 коњски сили / 3600 вртежи во минута
- Вртежен момент: 270 Nm / 1750 вртежи во минута
- Максимална брзина: 183 км/час
- Забрзување 0-100: 11.3 секунди
- Должина: 4380 mm
- Ширина: 1828 mm
- Висина: 1626 mm
- Меѓуоскино растојание: 2648 mm
- Багажен простор: 471 литар (1723 со спуштени задни седишта)
- Потрошувачка: 5.4 (официјална, градска), 6.8 (измерена, градска)
- Цена на основниот модел: Ford C-Max 1.6 105 Ambiente – 15.900 Евра
- Цена на тестираниот модел: Ford C-Max 1.6 TDCi 115 Titanium – 20.900 Евра
За повеќе информации: Ford.mk
Фотографија: Дејан Маликовски