Alfa Romeo 4C прогласена за најубав автомобил во Франција! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Alfa Romeo 4C прогласена за најубав автомобил во Франција!

На престижниот International Automobile Festival of Chamonix во Франција, Alfa Romeo 4C беше избрана за најубав автомобил за 2013-та година во Франција, победувајќи ја силната конкуренција.

Уште едно одлично признание за супер-автомобилот на Alfa Romeo – автомобилот кој го одзема здивот ја доби престижната награда на Меѓународниот Автомобилски Фестивал на Chamonix – настан кој го прославува автомобилскиот дизајн од 1988-мата година.

Alfa Romeo 4C доби 41% од гласовите и со тоа ги победи другите финалисти. BMW Series 4 освои 25% од гласовите, Mercedes-Benz CLA освои 22%  додека 12% освои Mazda 3. Ова е четврт пат оваа награда да ја освои модел на Alfa Romeo –  прв пат ја освои Alfa Romeo 164 во далечната 1988-ма година, Alfa Romeo Brera во 2005-тата година и Alfa Romeo MiTo во 2008-мата година.

Наградата му е доделена на Луи-Карл Вињон, Генерален директор на Alfa Romeo за регионот EMEA (Европа, Средниот исток, Африка) во присуство на Маурицио Зуарес, Генерален директор на Fiat France, Себастијан Пере, Директор на марката Alfa Romeo во Франција, Марко Тенконе, Генерален директор за дизајн на Alfa Romeo и Алесандро Маколини, Генерален директор на надворешниот дизајн на Alfa Romeo.

Новото признание ја збогатува листата на награди кои ги има добиено Alfa Romeo 4C. Модерната икона на марката, неодамна беше избрана за „Автомобил на годината за 2013“ од страна на магазинот FHM во Велика Британија, но е и добитник на трофејот “Coup de cœur 2013” доделен од Автомобилскиот магазин во Франција, покрај наградата ‘Auto Trophy 2013’ доделена од читателите на германскиот магазин Auto Zeitung.

Честитаме, и се надеваме дека 4C наскоро ќе ја видиме и на нашите улици!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.