Трепнете и ќе ги пропуштите визуелните промени, но позади дискретното затегнување на брчките на Polo се кријат многу вистински новитети!
Она што Volkswagen денес го претстави е освеженото Polo. Еден од најмалите членови на Volkswagen фамилијата носи неколку новитети со кои ќе ја продолжи борбата со сериозната и квалитетна конкуренција.
Во ред, некои од вас можеби ќе прашаат дали фејслифтот е поранета првоаприлска шега – и ние би се сложиле со вас – визуелните измени се навистина дискретни и на прв поглед незабележливи. Новиот преден браник сега малку наликува на оној кај Golf, но тука се и неколку нови комбинации на алуминиумски фелни. Она што е важен новитет се новите LED предни светла кои се појавуваат прв пат во оваа класа. Секако, ќе бидат достапни само кај најопремени и најскапи верзии на Polo, а останатите ќе мораат да се задоволат со „ретро“ халогените светла.
Од друга страна, има многу новитети под предниот поклопец. За прв пат ќе се нуди Bluemotion Polo со бензински погон – и ќе биде придвижувано од 0.9-литарски турбо-бензинец кој ќе испорачува 90 коњски сили кое ќе троши само 4 литри на 100 изминати километри. Истовремено, тука ќе биде и Bluemotion TDI верзијата која благодарение на малиот турбодизел ќе троши само 3.2 литри на 100 километри.
Под поклопецот на моторот својот дом ќе го најдат и три-цилиндерските бензинци од Volkswagen Up кои нудат 60, односно 75 коњски сили кои всушност ќе бидат замена за досегашните 1.2-литарски мотори. Во понудата остануваат и 1.2-литарските TSI мотори со 90, односно 105 коњски сили, како и 1.4-литарскиот TSI со деактивација на цилиндри. Volkswagen најавува дека ќе претстави нов 1.4-литарски три-цилиндерски турбодизел со 75 и 90 коњски сили кој ќе биде замена за постоечките 1.2-литарски и 1.6-литарски TDI мотори. Најмоќната верзија – Polo GTI – ќе добие мало зголемување на моќноста која расте од 178 на 189 коњски сили.
Во внатрешноста, Polo добива нов волан (кој нам ни изгледа како да е „ќарен“ директно од Golf), како и нови мултимедијални уреди, заедно со нови седишта. Благодарение на новиот, електричен серво уред дополнително се намалува потрошувачката, а истовремено Volkswagen најавува дека е поработено на управливоста. Купувачите ќе можат да нарачаат и опрема која досега беше резервирана само за поголемите и полуксузни модели – радарски-воден темпомат, адаптивна суспензија, автоматско кочење во градски услови и уште некои ситници.
Од Volkswagen најавуваат дека цените не би требало да претрпат поголеми промени, и дека цената на основниот модел би требало да остане иста како досегашната.