ТЕСТ: Ford Fiesta 1.25 Duratec Trend – Сè уште на врвот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford Fiesta 1.25 Duratec Trend – Сè уште на врвот!

Малата Ford Fiesta не е нов модел – веќе неколку години е на пазарот, но освежената верзијa пристигна и кај нас – и погодете – малиот градски херој на Ford сè уште е на врвот!

Желбата на Ford да прави возила кои се забавни за возење, дури и со основниот мотор, ја прави малата Fiesta е една од најзабавните возила во својата, класа. Но сепак, да не брзаме – да одиме со ред!

Пред нас е освежената, фејслифтирана Ford Fiesta. На прв поглед, можеби и нема да забележите драстични измени, но сепак ги има. Првата и најзабележлива измена е новата маска на ладилникот која во живо изгледа многу поубедливо отколку на фотографии. Подзатворете ги очите и фејслифтираната Fiesta наликува на мал Aston Martin – и тоа зборува навистина многу! Другите измени се скоро незабележливи – задните светла имаат малку поинаков дизајн, предните светла за магла се во поинаков облик, но екстерно – тоа е тоа. Fiesta сè уште изгледа привлечно од било кој агол и едноставно немаме замерки. Секако, подобро би изгледала во некое повисоко ниво на опрема каде би добила и алуминиумски фелни, но дури и вака изгледа убаво, свежо и модерно.

ford-fiesta-side-rear

Истиот тренд на првично незабележливи, но значајни освежувања следи и во ентериерот. Предните врати се отвораат широко и пристапот кон внатрешноста е лесен а на возачкото седиште лесно се наоѓа одлична позиција за седење. Управувачот да се прилагодува по висина и по длабочина – детал кој ја издвојува Fiesta од конкурентите! Eргономијата е на солидно ниво – контролите се прегледни, јасни и лесни за користење а кривата на учење е исклучително кратка. Ни се допадна тоа што и управувачот и менувачот се обложени со кожа, а сините инструменти се интересно различни од она што сме навикнати да го гледаме кај другите производители.

Поврзано:  Гранд Ауто станува партнер на Фудбалската Федерација на Македонија

ford-fiesta-interior

На задната клупа има доволно место за двајца. Би собрало и тројца патници, но тоа би го препорачале само за пократки патувања. Доколку на задната клупа седат двајца има доволно простор како за главата, така и за нозете и рамениците. Багажникот нуди 276 литри зафатнина (односно 290 ако изберете кит за поправање гуми наместо резервно тркало), која нараснува до 960 литри кога ќе ги спуштите задните седишта. Тоа е нешто помалку од поновите конкуренти, но сепак сосема доволно за намената за која е замислена Fiesta.

Она што секогаш измамува насмевка на нашите лица е управливоста на Fiesta. Управувачот е прецизен и директен – без никакво сомневање, најдоброто управување во класата го нуди токму Fiesta. Агилноста не може да ја достигне ниту еден од ривалите, а истовремено и комфорот е за поздрав – во ниеден момент нема нагли потресувања а во кабината скоро и да не се пренесуваат непријатни вибрации од подлогата. Нема друг начин да го кажеме ова – Fiesta е забавна за возење и е вистинскиот избор за оние кои сакаат да возат мало, практично, градско возило и истовремено да имаат автомобил кој секој пат ќе извлече насмевка од нив!

ford-fiesta-rear-top

Нашата тестна Fiesta дојде опремена со 1.25-литарски бензинец кој нуди 82 коњски при 5800 вртежи сили и 114 Nm вртежен момент. Опремена со овој мотор, Fiesta забрзува до 100 километри на час за 13.3 секунди и постигнува максимална брзина од 168 километри на час. Фабрички декларираната потрошувачка во градски услови изнесува 6.8 литри на 100 изминати километри – бројка на која ние со задоволство можеме да кажеме дека и се доближивме и измеривме потрошувачка од околу 7.3 литри на 100 километри. Ако ние се прашуваме, нашиот избор би било одличниот 1-литарски EcoBoost мотор со 125 коњски сили кој може да понуди многу повеќе забава и уживање, но и пониска потрошувачка!

Поврзано:  ТЕСТ: Ford Kuga 2.5 Hybrid CVT Active X - Темелно освежување и ефикасен хибриден погон

5-степениот мануелен менувач е прецизен и лесен за користење и воопшто не е проблем неговото користење во градските метежи. Би сакале и шестта брзина за на отворен пат со што дополнително би се намалиле бучавоста и потрошувачката, но петтата брзина е доволно долга за да се компензира овој мал недостаток. Во секој случај, менувачот е со прецизен од и менувањето е лесно.

ford-fiesta-front-side

На крајот, да додадеме дека иако е со второто најниско ниво на опрема (првото ниво се нарекува Ambiente, над него е „нашиот“ Trend, а над нив се Sport, Titanium и Titanium X), нашата тестна Fiesta дојде сосема добро опремена – ABS, клима уред, патен компјутер, кожен управувач и рачка од менувачот, централна брава со далечинско, светла за магла, аудио систем со USB приклучок, електрично подесиви ретровизори и уште многу други ситни детали кои возењето и живеењето со Fiesta го прават вистинско уживање. Дополнително, 5-те ѕвездички освоени на EuroNCAP тестирањата гарантираат дека возилото е безбедно како за возачот, така и за патниците.

ford-fiesta-euroncap

Како што напоменавме – Fiesta не ни е непознато возило. Веќе редовно ја гледаме на нашите улици, но навистина има и зошто. Модерниот и привлечен дизајн, солидната понуда на мотори и одличната безбедност и опременост се рецепт за успех. Багажниот простор не е како кај конкурентите, но тоа е забелешка која не е толку важна бидејќи сепак се работи за мала разлика. Од друга страна, управливоста и забавата и шармот се на највисоко ниво – а токму тоа го сакаат младите возачи! Малата Fiesta има ситни недостатоци, но не доволно за да ја расипат сликата за автомобилот кој е на врвот во својата класа!

  • 1.2-литарски бензински агрегат
  • Моќност: 82 коњски сили / 5800 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 114 Nm / 4200 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 168 км/час
  • Забрзување 0-100: 13.3 секунди
  • Должина: 3969 mm
  • Ширина: 1722 mm
  • Висина: 1495 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2489 mm
  • Багажен простор: 276 литри
  • Потрошувачка: 6.8 (официјална, градска), 7.3 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Ford Fiesta 1.25 Trend – 9.990 Евра (акциски)
    За повеќе информации: Ford.mk
Поврзано:  Ford Focus оди во заслужена пензија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.