Само неколку дена по појавувањето на скиците за оваа интересна изведба на VW Beetle, денес ви ги пренесуваме сите официјални податоци, како и грст фотографии од новата Beetle Dune!
Иако Volkswagen го најавува овој модел како „дизајн студија“ и сеуште го класифицира како концепт, сепак можеме со сигурност да претпоставиме дека концептот ќе резултира со сериски модел. Со оглед на деталите и дизајнот кој е блиску до продукциски модел и нема неверојатни „концептни“ решенија, сосема сигурно можеме да сметаме дека Volkswagen во блиска иднина ќе го најави Dune како сериски автомобил. Дури и во официјалната објава за печат, Volkswagen неколку пати напоменува дека концептот е навистина блиску до продукциски модел.
Каросеријата е 50 милиметри повисока од стандардната, а автомобилот има дополнителни заштитни пластики кои би го заштитиле при возење на нерамен терен. Под поклопецот на моторот се крие 2-литарскиот турбо-бензинец со 210 коњски сили кој е поврзан со тркалата преку 6-степен DSG менувач. Силата се пренесува само кон предните (големи, 19-инчни) тркала, но Beetle Dune ќе го има XDS диференцијалот кој го имаат сите помоќни верзии на Beetle и Golf GTI, па би требало да нема никакви проблеми.