Новиот Honda Civic не ни е непознат автомобил – всушност, веќе добро ја познаваме верзијата со 1.8-литарски мотор – но ја искористивме можноста да го повозиме Civic опремен со 1.4-литарски бензински мотор.
Бидејќи веќе зборувавме за историјата на Civic во нашиот тест на 1.8-литарскиот модел, овој пат ќе го прескокнеме тоа поглавје и пред да зборуваме за моторот, ќе позборуваме повторно малку за дизајнот и ентериерот.
Civic привлекува со својот модерен дизајн. Иако на прв поглед не успеа да ни го задржи вниманието како и претходниот модел, откако почнавме да го гледаме на нашите улици и новиот Civic успешно се издвојува од конкуренцијата и изгледа привлечно, спортски и несекојдневно. Како што веќе напоменавме, благодарение на „скриените“ задни рачки на вратите, Civic на прв поглед изгледа како спортско купе со три врати.
Исто како и кај помоќниот модел, и тука пријатно се чувствувавме во ентериерот. На возачот ќе му требаат неколку минути да се навикне на „поделената“ табла со инструменти, но затоа сите материјали се со одличен квалитет а ергономијата е на завидно ниво. Прегледноста е добра, а многу помага и задната камера за движење наназад која значително го олеснува маневрирањето и паркирањето.
Секогаш се радуваме кога ќе се потсетиме на спортскиот карактер на некое возило, и токму тоа се случи и со Civic. Задоволство е да се вози автомобил со толку прецизно и директно управување. Како и сите мали автомобили Civic е наклонет кон под-управување, но тоа се случува прогресивно и предвидливо, а возачот цело време знае што се случува со тркалата. Заслуга за тоа сигурно имаат и 17-инчните фелни, кои покрај својата големина воопшто не влијаат на севкупниот комфор во внатрешноста.
Но, да позборуваме и за главниот фокус на овој тест – 1.4 литарскиот бензинец со i-vtec технологија. Малиот мотор нуди 100 коњски сили на 6000 вртежи и 127 Nm вртежен момент при 4800 вртежи – благодарение на кои Honda Civic 1.4i забрзува до 100 километри на час за 14 секунди и постигнува максимална брзина од 187 километри на час. Во ред, тоа не се перформанси за кои ќе раскажувате на внуците, но се сосема доволни како за градско возење, така и за на автопат.
Она што особено нè изненади е економичноста на моторот – со нормално возење во градски услови забележавме просечна потрошувачка од околу 7.5-8 литри на 100 километри, а дури и со агресивно возење потрошувачката во ниеден момент не надмина 9.9 литри на 100 километри. Со максимално дефанзивно возење низ град успеавме да измериме и потрошувачка од само 5.7 литри на 100 километри! Повеќе од одличен резултат!
Кога на сето ова ќе ја додадеме и задоволителната опременост која вклучува клима уред, 17-инчни фелни, сите можни електронски и безбедносни помагала, воздушни перничиња, сензори за светлина и дожд, задната паркинг камера, USB приклучок, кожен волан со аудио команди, темпомат, металик боја, патен компјутер и уште многу други ситници, како и 5-те ѕвездчки на EuroNCAP, можеме да го завршиме овој брз тест со заклучокот дека се работи за навистина комплетен автомобил кај кој се добива навистина многу за вложените пари – вистински скриен скапоцен камен во понудата на Honda!
- 1.4 литарски атмосферски бензински агрегат, 4 цилиндри, 16 вентили.
- Моќност: 100 коњски сили / 6000 вртежи во минута
- Вртежен момент: 127 Nm / 4800 вртежи во минута
- Максимална брзина: 187 км/час
- Забрзување 0-100: 14 секунди
- Должина: 4300 mm
- Ширина: 1770 mm
- Висина: 1440 mm
- Меѓуоскино растојание: 2595 mm
- Багажен простор: 407 литри
- Потрошувачка: 6.7 (официјална), 7.8 (измерена)
- Цена на тестираниот модел: Honda Civic 1.4i Sport – 15.990 Евра
Фотографија: Дејан Маликовски