Само еден ден по протекувањето на официјалните фотографии од M3 и M4, BMW реши да ги објави сите спецификации во ист ден со лансирањето на видео играта Gran Turismo 6.
Најзначајната промена од претходниот M3 е враќањето на редниот шест-цилиндерски мотор со зафатнина од три литри, кој со помош на два турбополначи произведува 431 кс помеѓу 5500 и 7300 вртежи, како и максимален вртежен момент од 550 Nm во опсегот од 1850 и 5500 вртежи во минута. Во споредба со претходникот, тоа се 2 цилиндри помалку, но 11кс и 150 Nm повеќе. Сепак и покрај зголемувањето на силата, просечната потрошувачка е намалена за околу 25 проценти.
Силата се испорачува кон задните тркала преку стандарден шест-степен мануелен менувач, додека како опција ќе биде понудена седум-степена трансмисија со двојна спојка, која доаѓа со лопатки за менување степени и функции за брз старт и перфектен „Smokey Burnout“. Првата опција резултира со просечна потрошувачка од 8.8 литри, а втората со 8.3 литри на 100 километри.
Подобрувањата под поклопецот се придружени од намалување на тежината за околу 80 килограми во однос на претходникот. Така новиот M4 тежи 1,497 килограми, додека M3 Sedan е потежок за само 23 килограми. Моделите се поставени на модифицирана верзија од платформата која се користи кај Серија 3 и Серија 4 со намалена висина на возење и пошироки трагови на тркалата, заедно со доработка на суспензијата.
Двата автомобили ќе забрзуваат од место до 100 км/ч за 4.1 секунда со DCT и 4.3 секунди со рачниот менувач. Максималната брзина е ограничена на 250 км/ч во стандардната верзија, и 280 км/ч со опционалниот M Driver пакет.
Исто како и досегашниот M3, дизајнот на автомобилите е агресивен на привлечен начин со бројни аеродинамички подобрувања како пошироки странични крила, отвори за вентилација, уникатни ретровизори, испакнат поклопец на моторот и повеќе украсни детали. Во сериска опрема ќе бидат вклучени 18-инчни алуминиумски фелни обвиени во пневматици со профил 255/40 напред и 275/40 позади, а како опција ќе се нудат и поголеми 19-инчни тркала.
Ентериерот е облечен во неговата M униформа со елементи од карбон, спортски седишта и нови контроли. Тука е и апликација за мерење кругови на стаза, која им овозможува на сопствениците да го анализираат нивниот личен стил на возење на нивните смартфони.
Автомобилите ќе бидат јавно прикажани на автомобилскиот саем во Детроит овој Јануари, а ќе пристигнат на Европскиот пазар на пролет.