Јапонскиот бренд ja изложи новата генерација на четири-вратниот спортист на автомобилскиот саем во Лос Анџелес.
Серискиот модел воопшто не наликува на импресивниот WRX концепт претставен на саемот во Њу Јорк, туку изгледа како понова и поспортска изведба од Impreza. Измените од стандардниот модел содржат нови предни и задни светлосни групи со LED технологија, нова вентилирачка хауба, преден браник со поголеми отвори за воздух, пошироки странични крила, прагови и задни врати, како и нов заден браник со интегриран дифузер. Автомобилот е поставен на 17-инчни алуминиумски фелни со Dunlop SP Sport Maxx RT пневматици.
Кабината се разликува од онаа на стандардниот модел со нови поспортски седишта, волан со зарамнето дно и помеки материјали. Тука се и нова инструмент табла, 4.3-инчен мултифункционален екран и автоматска контрола на климата. Како опција се понудени кожни седишта, греење на предните седишта, GPS навигација и harman/kardon аудио систем од 440 вати.
Subaru WRX го придвижува 2.0-литарски четири-цилиндарски боксер турбо-бензински агрегат кој произведува 268 кс и 349 Nm вртежен момент. Тој може да се добие со шест-степен рачен менувач или CVT трансмисија, која доаѓа во пакет со симетричен погон на сите четири тркала. Автомобилот постигнува забрзување од 0-100 км/ч за 5.4 секунди со рачен менувач, додека со CVT менувач му е потребна една секунда повеќе. Брзината во свиоци и управувањето се подобрени благодарение на поцврстата шасија, поспортската суспензија и поголемите сопирачки.