Во исчекување на најсилниот M4 модел, Alpina ја претстави нивната изведба од Серија 4 на автомобилскиот саем во Токио.
Alpina B4 BiTurbo има дискретен став и класичен елегантен изглед. Од стандардниот модел се разликува преку предниот и задниот спојлер, издувниот систем од не’рѓосувачки челик и масивните 20-инчни Alpina Classic фелни. Измените во ентериерот вклучуваат Lavalina кожен тапацир, специјални патосници и неизбежните Alpina назнаки.
Силата извира од твин-турбо 3.0-литарски шест-цилиндарски агрегат кој произведува 410 кс и 600 Nm вртежен момент. Тој е поврзан со осум-степен автоматски менувач кој му овозможува на автомобилот да забрза од 0-100 км/ч за 4.2 секунди и да постигне максимална брзина од 305 км/ч. Што се однесува до економијата на возење, сопствениците можат да очекуваат просечна потрошувачка од 7.6 литри на 100 километри.
За постабилно држење на патот, моделот е опремен со спортски прилагодена суспензија и систем за сопирање со високи перформанси, кој содржи дискови со дијаметар од 370mm напред и 345mm позади. Alpina B4 BiTurbo Coupe ќе започне со продажба во Мај наредната година, а на некои пазари ќе биде понудена и верзија со погон на сите четири тркала.