Пилотот на Red Bull, германецот Себастијан Фетел е победник на трката за големата награда на Кореа. Друштво на подиумот му правеа возачите на Lotus, Кими Раиконен и Роман Грожан.
Ништо ново во F1, Себастија Фетел повторно доминираше и е на чекор од освојување на четвртата последователна титула. Тој ја почна трката од пол-позиција и во ниту еден момент не дозволи некој да му ја загрози челната позиција. Фетел и Red Bull веќе 4-та трка по ред ги држат работите комплетно под контрола, недозволувајќи им на конкурентите да се приближат.
Одлична трка имаше и тимот на Лотус, чии возачи се најдоа на подиумот. Иако Раиконен стартуваше од 9-та позиција, со одлично возење и добар тајминг за промена на пневматиците успеа по 6-ти пат оваа сезона да се искачи на второто скалило на подимот. Неговиот тимски колега Роман Грожан, ја започна и заврши трката на 3-та позиција.
Најголемо позитивно изненадување е Нико Хулкенберг од тимот на Sauber, кој успеа да стигне до 4-та позиција, задржувајќи ги зад себе во директна битка многу поискусните светски шампиони Луис Хамилтон и Фернандо Алонсо кои на крајот мораа да се задоволат со 5-то, односно 6-то место.
По оваа трка повторно ќе се отвори прашањето околу издржливоста на пневматиците на Пирели, откако предниот десен пневматик на Серхио Перез, буквално со распадна, што придонесе безбедносното возило да излезе на патеката. За среќа, ова беше единствен инцидент со пневматиците, иако многу од возачите се пожалија дека истите многу брзо се трошат.
Фетел ќе отпатува во Јапонија, каде што следната недела ќе се вози на патеката Сузука, со комотна предност од 77 бодови во генералниот пласман пред Фернандо Алонсо, додека Кими Раиконен успеа да си ја врати назад 3-та позиција од Луис Хамилтон.
Резултати од трката за ГН на Кореа:
1. S.Vettel RBR-Renault
2. K.Räikkönen Lotus
3. R.Grosjean Lotus
4. N.Hulkenberg Sauber
5. L.Hamilton Mercedes
6. F.Alonso Ferrari
7. N.Rosberg Mercedes
8. J.Button McLaren
9. F.Massa Ferrari
10. S.Perez McLaren
11. E.Gutierrez Sauber
12. V.Bottas Williams
13. P.Maldonado Williams
14. C.Pic Caterham
15. G.Garde Caterham
16. J.Bianchi Marussia
17. M.Chilton Marussia
18. J.Vergne STR-Ferrari
Отк. D.Ricciardo STR-Ferrari
Отк. A.Sutil Force India
Отк. M.Webber RBR-Renault
Отк. P.Resta Force India
Генерален пласман – возачи:
1. Sebastian Vettel – 272
2. Fernando Alonso – 195
3. Kimi Raikkonen – 167
Генерален пласман – конструктори:
1. Red Bull Racing – 402
2. Ferrari – 284
3. Mercedes – 283
Подготви: Игор Андоноски