Новата генерација на Toyota Corolla е кај нас – а ние бевме меѓу првите кои неколку дена се дружеа со најпродаваниот автомобил на сите времиња!
Да започнеме од фактот дека Toyota Corolla е најпродаваниот автомобил на сите времиња. Моделот кој се продава веќе 47 години е продаден во повеќе од 40 милиони примероци. Еве, и со зборови – четириесет милиони! Тоа значи дека во просек, во изминативе 47 години секои 37 секунди по една нова Corolla заминувала кај својот сопственик. Всушност, додека го читате овој параграф текст, барем 2-3 примероци на Corolla некаде во светот ги пронашле своите нови среќни сопственици.
Едноставно, човек останува нем пред овие факти. Наследството кое Corolla го пренесува од еден модел на друг е неизбежно, а Corolla е бренд сам по себе. Па така, кога се работи за ваков автомобил простор за грешки скоро и да нема – ризикот е навистина голем.
Значи, новата Corolla – модел кој е поголем, изработен со повеќе внимание и модел на кој му се посветени многу грижа и труд од страна на инженерите на Toyota. Но преведено во конкретен продукт, што всушност значи тоа?
Прво, да позборуваме за дизајнот. Онаму каде што минатата генерација беше конзервативна и (храбро ќе кажеме) здодевна, новата Corolla изгледа модерно и современо – вистински глобален автомобил кој треба да ги задоволи вкусовите на купувачите од целиот свет.
Во ред, дизајнот на новата Corolla не е ништо револуционерно – сличноста со поголемиот брат Avensis не е само на поминување – и изгледа прилично интересно од скоро сите агли. Новиот дизајнерски јазик на Toyota можеби не е по сечиј вкус, но мора да признаете дека е направен своевиден квантен скок во дизајнот. Однапред вниманието го задржуваат големите светлосни структури и големата хромирана маска на ладилникот која како крила ги шири своите страници по целата предница. Страничниот профил е покласичен и потсетува на стандарден седан, а задниот дел ги следи линиите на предниот каде широките светлосни уреди како да се замотуваат околу багажниот простор. Би сакале нашиот тестен модел да беше опремен со алуминиумски фелни кои ќе ја комплетираа сликата за модерниот изглед, но тие можат да бидат добиени со прилично ниска доплата.
Ги отвораме вратите – и внатрешноста сериозно наликува на онаа кај Auris. Не е идентична, секако, но јасно забележлива е сличната дизајнерска насока. Corolla изгледа прилично модерно и вниманието го привлекуваат интересните и на места хромирани детали, но сепак сметаме дека дигиталниот часовник изгледа како малку да е подзастанат во времето. Од друга страна, и во внатрешноста е направен значителен чекор напред во поглед на искористените материјали кои сега не само што се квалитетни туку и се фини на допир. Контролите се воглавно јасни, но има мала линија на навикнување со која ќе треба да се соочат возачите, особено со малку нејасно поставените контроли на воланот. Сепак, ергономијата е на прилично високо ниво, лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, предните седишта нудат одлична поддршка и комфор а прегледноста е на задоволително ниво – стаклените површини гарантираат одличен поглед кон околината.
Но сепак не смееме да заборавиме да споменеме дека се работи за прилично долг автомобил каде прегледноста кон задниот дел може да биде малку проблематична. Ова е одлично решено со практичната и корисна паркинг камера со која беше опремен нашиот модел – благодарение на која паркирањето и маневрирањето е значително олеснето.
Кога веќе зборуваме за опремата, мораме да напоменеме дека нашиот тестен модел беше навистина добро опремен – Corolla стандардно доаѓа со 9 воздушни перничинња, но нашиот модел дојде и со одличниот мултимедијален уред осетлив на допир, Bluetooth конекција за мобилен телефон, цела лепеза безбедносни акроними, менувач и управувач обложени со кожа, автоматски двозонски клима уред и уште навистина многу. Би посакале меѓу опремата да се најдеше и темпомат, но тој е достапен во Sol нивото на опременост.
На задната клупа има навистина многу простор – како што се уверивме кога во релативен комфор на задните седишта се возеа тројца патници, и тоа на подолга релација. Би сакале малку повеќе поддршка на задните седишта, но понудата на простор повеќе од компензира за оваа забелешка.
Секако, бидејќи се работи за комфорен, фамилијарен автомобил мораме да го напоменеме и багажниот простор. Зафатнината од 452 литри можеби не е толку голема како кај некои од конкурентите, но сепак е повеќе од доволна за едно просечно семејство. Формата на багажниот простор е правилна а отворот задоволително голем, но како и други автомобили од оваа класа, и Corolla „страда“ од носачите на поклопецот на багажникот кои навлегуваат во багажниот простор кога ќе го затворите.
Да зборуваме за тоа како Corolla се однесува на пат. Првото кое го приметивме е дека звучната изолација е навистина одлична! Дури и при повисоки брзини во внатрешноста е тивко и смирено, а патниците можат мирно да зборуваат. Понатаму, Corolla е прилично стабилна и комфорна. Да, ова е фамилијарен автомобил од кој не треба да се очекуваат спортски карактеристики, па штом ќе го прифатите ова ќе ги увидите вистинските квалитети – возењето е меко и комфорно, автомобилот ги впива нерамнините и не пренесува никакви вибрации во кабината. Ако претерате со побарувањата, она што Corolla ќе го сервира е подуправување, но тоа е нешто што го очекуваме од фамилијарен автомобил каде комфорот и практичноста се на прво место.
Малиот, 1.4-литарски D-4D турбодизелски мотор со кој беше опремена нашата Corolla нуди 90 коњски сили на 3800 вртежи и 205 Nm вртежен момент во распон од 1800 до 2800 вртежи во минута. Иако перформансите не се врескачки – забрзувањето до 100 километри на час трае 12.5 секунди – сепак е задоволителни за потребите – максималната брзина изнесува 180 километри на час, а моторот е одлично искомбиниран со 6-степениот мануелен менувач со прецизен од. Во градски услови нашатa Corolla трошеше околу 6 литри дизел на 100 изминати километри, што е блиску до фабрички декларираната градска потрошувачка од 4.9 литри.
На крајот, сам по себе се наметнува заклучокот дека Corolla сосем оправдано е најпродаваниот автомобил на нашата планета. Инженерите на Toyota многу добро ги познаваат купувачите на овој модел и многу добро знаат што и како треба да понудат за да продолжи доминантната традиција на овој модел. Немаме никакво сомневање дека и оваа генерација на Corolla ќе ја продолжи успешната приказна на моделот и дека и во иднина на секои 37 секунди ќе се продава по еден примерок.
- 1.4 литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри, 8 вентили
- Моќност: 90 коњски сили / 3800 вртежи во минута
- Вртежен момент: 205 Nm / 1800 вртежи во минута
- Максимална брзина: 180 км/час
- Забрзување 0-100: 12.5 секунди
- Должина: 4620 mm
- Ширина: 1775 mm
- Висина: 1465 mm
- Меѓуоскино растојание: 2700 mm
- Багажен простор: 452 литри
- Потрошувачка: 4.9 (официјална, градска), 5.8 (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: Toyota Corolla 1.4 D-4D Luna – 19.090 Евра
Напомена: Во моментот на објавување на овој тест сите модели на Corolla имаат акциски попуст од 1000 евра. Со овој попуст, цената на тестираниот модел изнесува 18.090 евра.
Фотографија: Дејан Маликовски