Новиот знаменосец на Mercedes-Benz веќе пристигна во Македонија и беше главна ѕвезда на VIP промоцијата која собра точно 100 ексклузивни гости од цела Македонија.
Веќе многу пишувавме за новата S-Class – автомобилот кој е своевиден бенчмарк кога станува збор за луксузот и премиумот. Автомобилот кој сега има задача да ги пополни чевлите на големиот Maybach стигна и кај нас.
Салонот на Мак Аутостар беше целосно изменет, со цел да добие лик на луксузен клуб и да ги прими 100-те VIP гости кои можеа да уживаа во музиката на Масимо Савиќ, но уште поважно, одблиску да го запознае новиот S-Class – автомобилот со кој се возат лидерите на светот.
„Остварена визија, тоа е главниот слоган за новата S-Class, кој самиот за себе зборува многу. Пред точно 110 години, почнувајќи од 1903 година, Mercedes создава најлуксузни автомобили во светот. Тоа е модел кој означува супер луксуз и досега бил дел од животот на многумина претседатели, кралеви, шеици, славни личности и успешни бизнисмени. Сега го имаме најновиот модел во Македонија.“, изјави директорот на продажба на Mercedes-Benz патнички возила, Марко Јовановски.
На иновациите во новата S-Class им нема крај, но особено е важно да се напомене дека ова е прво возило кое може да ги скенира сите нерамнини на патот со помош на стерео камера и според тоа да се прилагоди амортизација на возилото за да се мине патот со исклучителна удобност, опција која се нарекува Magic body control и нуди максимален комфор – а ние се надеваме дека ќе имаме можност да го осетиме ова на дело.
Цените на новата S-Class започнуваат од 96.960 евра за S350 Bluetec, па одат се до 134.700 евра за големиот S500 L 4Matic со продолжено меѓуоскино растојание, 455 коњски сили и погон на сите четири тркала.