„Автомобилот едноставно вреска Alfa Romeo. Душата на овој спортски автомобил предизвикува уникатни возачки сензации, како на улиците, така и кога е на тркачката патека“ – така Alfa Romeo ја опишува 4C!
Веќе добро знаеме дека Alfa Romeo 4C ќе биде придвижувана од четири-цилиндерски, 1.75 литарски TBi турбо-бензинец кој ќе испорачува 240 коњски сили и 350 Nm вртежен момент од само 2100 вртежи – доволно за 4C да забрзува до 100 километри на час за точно 4.5 секунди и да продолжи да забрзува до 258 километри на час. Секако, ова се должи и на екстремно ниската тежина од само 895 килограми! Според Alfa Romeo, распоредот на тежината е идеален – и тоа 60% позади и 40% напред.
Годишно ќе бидат произведени само 3500 примероци, од кои само 1000 примероци ќе бидат резервирани за купувачите низ Европа. Сите модели ќе го носат новиот TCT автоматски менувач со двојна спојка, кој моќноста од моторот ќе ја пренесува на задните тркала. Секако, тука ќе биде и DNA селекторот на Alfa Romeo кој ќе им дозволи на возачите да изберат меѓу три режими на работа – Dynamic, Natural и All-Weather, но селекторот за 4C има уште еден режим – Race – кој е наменет за тркачките патеки. Управувањето е без никаква асистенција, односно без серво-уред, а тоа ќе овозможи најдобра можна поврзаност со подлогата – а благодарение на тоа е прогресивно и директно.
Должината од 4 метри и меѓуоскиното растојание кое е пократко од 2.4 метри ги истакнуваат компактните димензии на автомобилот, а истовремено гарантираат одлични возачки својства и ја нагласуваат агилноста. Alfa Romeo 4C има однос на тежина и моќност пониска од 4 килограми на една коњска сила, односно 137 коњски сили на еден литар зафатнина!
Според Alfa Romeo, 4C е моделот кој го означува лансирањето на планот на италијанскиот бренд за глобално растење кое ќе вклучува и други модели во иднина, и ќе ја зајакне сликата за еден глобал бренд кој се натпреварува во премиум сегментот – а ова е причината заради која Alfa Romeo ги истакнува врските со другите брендови во Fiat-Chrysler групацијата, особено со Masarati. Согласно на ова, 4C е симболичен продукт со екстремно високо ниво на квалитет и технолошка рафинираност кој ги олицетворува најдлабоките вредности на брендот.