Најдобриот македонски автомобилист остана без втората позиција за да може домашниот натпреварувач да стигне до третото место во генералниот пласман.
Македонскиот автомобилист Игор Стефановски е дисквалификуван и остана без второто место во групата N на трката од Европското првенство на ридски патеки одржана во Бузет, Хрватска. Организаторот позитивно одговори на жалбата на хрватскиот возач Дамир Машиќ за техничката неисправност на возило на популарниот Иџе и на тој начин му овозможи на својот автомобилист да се најде на третото место во генералниот пласман на ЕП на ридски патеки. Причината за дисквалификацијата, според Стефановски и неговиот тим, е банална, поради извадената перка од уредот за климатизација во возилото.
„Одлуката на техничката комисија е тенденциозна и со цел да му се помогне на Машиќ. Хрватскиот автомобилист се жалеше дека е извадена перката од клима уредот, иако според хомологација натпреварувачите имаат право да го извадат уредот. Домашнoто жири беше наклонето кон својот возач и реши да ме дисквалификува. Драмата околу пласманот траеше скоро до полноќ, по што организаторите во Бузет ми дадоа ултиматум до 1 часот да уплатам 800 евра и да поднесам жалба до ФИА доколку сакам да го задржам пласманот“ – вели Стефановски.
Најдобриот македонски возач реши да не се жали до повисока инстанца и остана без најдобриот пласман на македонски автомобилист во едно натпреварување од Европскиот шампионат. Со оглед дека Стефановски пропушти поголем дел од ЕП и во Бузет допатува со желба да види дали може рамноправно да се натпреварува со најдобрите на Стариот континент и без шанси за висок пласман во генералниот пласман, тој и неговиот тим одлучија да не прават дополнителен финасиски трошок со поднесување жалба до ФИА.
Второто место во Бузет и одличното време покажаа дека Стефановски има квалитет и автомобил со кој следната година може да се вмеша во битката за европската титула. Со малку поголема финасиска помош од спонзорите и државата Македонија има убави шанси во блиска иднина да го слави првиот европски шампион во автомобилизам.