Германскиот бренд официјално го претстави концептот за наследникот на Golf Plus, на автомобилскиот саем во Франкфурт.
Golf Sportsvan претставува попрактична изведба од компактот и изгледа какo пораснат Golf, со подолго меѓуоскино растојание и повисока линија на кровот. Од браник до браник, се протега во растојание од 4,338mm, што значи дека е 134mm подолг од Golf Plus. Со широчина од 1,807mm, автомобилот е 48mm поширок, a неговата висина од 1,578mm е речиси идентична со неговиот претходник.
Ентериерот има само неколку разлики од оној на компактниот модел, вклучувајќи прилагодлива задна клупа, дополнителни фиоки за складирање и изменет дизајн на централната конзола. Неговата кабина нуди 1,500 литри багажен простор со преклопени задни седишта.
Автомобилот ќе може да се добие со шест различни погонски единици. Изборот на бензински агрегати го сочинуваат мотори со сила од 85, 110, 125 и 150 кс, додека дизелите развиваат 110 и 150 кс. Сите агрегати, покрај основниот бензинец со 85 кс ќе се нудат и со DSG менувач како опција.
Серискиот модел ќе биде многу близок со концептот, а неговата продажба ќе започне во средината на наредната година.