Пилотот на Lotus, финецот Кими Раиконен, се враќа во тимот каде што ја освои својата единствена шампионска титула!
По завчерашната вест дека Фелипе Маса го напушта тимот, вчера во јавноста излезе официјална потврда од страна на тимот од Маранело дека од 2014 до 2016 година, зад воланот на црвениот болид, покрај Фернандо Алонсо, ќе седне и Кими Раиконен.
Иако сезоната сеуште не е завршена, погледите веќе се вперени кон следната и тимскиот дуел на двајцата поранешни шампиони. Досега Алонсо уживаше статус на прв возач во тимот, но со доаѓањето на Раиконен и повеќе од јасно е дека во Ferrari ќе треба да заборават на тимските наредби и фактичката поделба на прв и втор возач во тимот.
Што се однесува до иднината на Фелипе Маса, тој вчера изјави дека не планира да се повлече од Formula 1 и своето место за наредната сезона ќе го бара во друг тим.
Подготви: Игор Андоноски