Импресивниот Sport Quattro Concept на Audi благодарение на plug-in хибридниот систем најавува забрзување до 100 километри на час за 3.7 секунди и потрошувачка од само 2.5 литри на 100 километри!
Како што самите инженери на Audi сакаат да кажат, quattro is Audi, Audi is quattro. Новиот концепт кој тука го гледаме го носи името Sport Quattro Concept – а под него се крие многу модерна технологија, импресивни перформанси и несекојдневна економичност.
Да започнеме од погонот – хибридниот систем вклучува прилично голем, 4-литарски твин-турбо мотор кој испорачува 560 коњски сили и 700 Nm вртежен момент, како и електромотор кој испорачува 147 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Вкупната системска моќност е 700 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. Сосем доволно да го катапултира овој концепт до 100 километри на час за само 3.7 секунди, и да продолжи да го забрзува се до електронски ограничената брзина од 305 километри на час.
Како и повеќето хибриди, така и Sport Quattro Concept може да се придвижува само на електрична енергија – има автономија од 50 километри само на електрична енергија, кога работи електромоторот и нуди 147 коњски сили и 400 Nm вртежен момент – многу слично на еден модерен турбодизел.
За изработка на овој концепт екстензивно е користен алуминиум како и CFRP (Carbon Fibre Reinforced Plastic), а тоа резултира со импресивно мала тежина ако се земе во предвид и тежината на батериите. Вкупната тежина на возилото е 1850 килограми. Автомобилот е долг 4602 милиметри, широк 1964 милиметри а висок 1386 милиметри. Меѓуоскиното растојание изнесува 2784 милиметри.
Екстериерот го красат предни светла изработени во новата Matrix LED технологија на Audi, како и многу други спортски детали кои се карактеристични за Audi. Во внатрешноста тркањето се состанува со елеганцијата, па ентериерот е истовремено резервиран и елегантен, но со многу измешани спортски детали. Секако, преку Sport Quattro Concept, Audi најавува можни дизајнерски елементи кои ќе ги користи во иднината.