Ford прикажа луксузен концепт базиран на претстојниот Mondeo, кој служи како предвесник за идните премиум верзии од останатите модели.
Ознаката Vignale ќе се користи за премиум изведбите од моделите на Ford, кои треба да ги задоволат потребите на потенцијалните купувачи што сакаат уште повисоко ниво на опрема од Titanium X. Првиот модел кој ќе ја носи, ќе биде новиот Mondeo, кој треба да пристигне во 2015, а наскоро ќе му се придружат и S-MAX и Edge изведби.
Ford Mondeo Vignale се разликува од стандардниот модел со редизајниран преден браник со хромирана решетка и украсни детали, нови хромирани капаци на ретровизорите, хромирани рачки на вратите и 20-инчни алуминиумски фелни, дизајнирани специјално за овој концепт.
Ентериерот е значително полуксузен, благодарение на кожата која се протега над елегантните седишта, централната конзола, воланот и инструмент таблата. Тука е и интегриран безжичен интернет, како и фиока за складирање во багажникот со Vignale назнака.