Opel го разоткри футуристичкиот концепт Monza кој отвара нова страница во дизајнерскиот јазик на компанијата.
Дизајнот на Monza е инспириран од океанските бранови кои плискаат на брегот, а највпечатливи се неговите огромни врати, кои се отвараат во вид на лебедови крилја. Автомобилот се протега во должина од 4.69 метри и височина од 1.31 метар. Неговата кабина е во просек 15 cm пониска од сериските модели, но и покрај тоа, нуди многу место во внатрешноста и багажен простор од 500 литри.
Ентериерот на Monza изгледа прекрасно благодарение на елегантно извајаната инструмент табла која се протега од едната до другата врата. Таа е составена од 18 LED дисплеи кои создаваат една целина и прикажуваат најразлични информации и декоративни елементи. Возачот има пристап до нив преку копчињата сместени на воланот или преку гласовната контрола.
Концептот е придвижуван од електричен погон во комбинација со мотор на природен гас, кој служи само за зголемување на опсегот. Тој е всушност неодамна претставениот 1.0-литарски 3-цилиндарски SIDI Turbo агрегат, но модифициран да работи на природен гас.