Mercedes-Benz официјално ја претстави најштедливата хибридна Plug-In верзија од новата S-класа.
S500 Plug-In Hybrid е придвижуван од 3.0-литарски V6 бензински агрегат кој произведува 328 кс и 480 Nm вртежен момент. Бензинскиот мотор работи во комбинација со електричен мотор кој ослободува дополнителни 107 кс и 340 Nm. Оваа конфигурација овозможува забрзување од 0-100 км/ч за само 5.5 секунди и максимална брзина од 250 км/ч.
Според Mercedes-Benz новиот S500 Plug-In Hybrid има просечна потрошувачка од три литри на 100 километри со емисија на издувни гасови од 69 грама CO2 на изминат километар. Автомобилот може да се вози само на електрична енергија до растојанија од 30 километри.
За разлика од S400 Hybrid и S300 BlueTec Hybrid чии батерии можат да се полнат само при сопирање и од моторот со внатрешно согорување, батериите на S500 Plug-In Hybrid можат да се полнат и од надворешен извор. Неговиот приклучувач за полнење е лоциран на десната страна од задниот браник.
Mercedes-Benz S500 Hybrid ќе дебитира на саемот за автомобили во Франкфурт, а ќе се појави во претставништвата во текот на наредната година.