Opel тукушто најави дека од почетокот на следната година за малиот Adam ќе нуди 1-литарски турбо мотор со 115 коњски сили!
Моторот кој го нарекуваат 1.0 SIDI Turbo има три цилиндри и е дел од серијата три и четири-цилиндарски мотори кои Opel ќе ги развива во следниот период за потребите на своите автомобили, а капацитетот ќе биде помеѓу 1 и 1.6 литри.
Конкретно, малиот мотор кој ќе се вградува во Adam е наменет да го земе местото на 1.6-литарскиот атмосферски бензински агрегат кој го познаваме од другите модели. Тој ќе нуди 115 коњски сили и 166 Nm вртежен момент при 1800 вртежи – 30% повеќе вртежен момент од атмосферецот при истиот број на вртежи. Истовремено, потрошувачката е намалена 20% во однос на стариот мотор, а со тоа и емисијата на штетни гасови.
Од самиот почеток, целта на Opel била да понудат економичен мотор – односно да ја намалат потрошувачката и емисијата на CO2. Но покрај тоа, една од главните цели била и рафинираноста на моторот, и сакале да покажат дека три-цилиндарски мотор може да биде исто рафиниран како и четири-цилиндарски – а резултат на таа цел е три-цилиндарски агрегат кој не прави компромис при уживањето во возењето.
Секако, моторот ќе се најде и во други модели на Opel. Официјалното претставување ќе биде во Франкфурт, а продажбата на овој мотор ќе започне од почетокот на следната година.