Тјунерската куќа VATH подготви импресивен пакет за засилување на перформансите на Mercedes-Benz CLS 63 AMG Shooting Brake, кој ја подигнува силата на 846 кс.
Германскиот спортски караван е погонуван од 5.5-литарски V8 твин-турбо агрегат кој во стандардно издание произведува 557 кс и 800 Nm вртежен момент кога е опремен со опционалниот AMG Performance пакет. Овие бројки се навистина повеќе од доволни за нас, но тјунерите од VATH заклучиле дека сеуште има место за подобрување.
Нивниот пакет, кој чини „само“ 46,172 евра, ја зголемува испораката на сила од агрегатот на 846 кс и импресивен максимален вртежен момент од 1,180 Nm, што е доволно за максимална брзина од 350 км/ч. Овие бројки се добиени благодарение на изменет турбополнач, специјален систем за ладење, репрограмирање на компјутерската единица и нов издувен систем.
За поголема стабилност на патот, VATH нуди пониски пружини, предни дискови во дијаметар од 405mm со шест клипни клешти, 20-инчни алуминиумски фелни обвиени во 265/30 ZR20 профил на пневматици напред и 305/25 ZR20 назад. Тука се и нов преден спојлер, заден дифузер и уште неколку додатоци направени од јаглеродни влакна.