Автомобилот наменет за вистинските плутократи, за оние кои сакаат безкомпромисни перформанси и врвен луксуз е тука – Дами и Господа, новиот Mercedes-Benz S63 AMG!
Секогаш кога пишувам за Mercedes-Benz имам чувство дека сум недоволно подготвен. Дека би требало да носам скап костум и уште поскап часовник. Едноставно, Германскиот бренд тоа го бара од мене. Но кога пишувам за AMG верзиите на Mercedes-Benz имам чувство дека на тој костум и часовник одлично би им прилегале и професионални чевли за возење.
Пред нас е новиот S63 AMG. Тој може да се пофали со голем огромен 5.5-литарски бензински мотор кој интимно соработува со не еден, туку два турбо полначи. Резултатот на таа блиска соработка се 585 коњски сили и 900 Nm вртежен момент. Единствената цел на овој мотор, според челниците на Mercedes-Benz (и лудите професори на AMG) е да ги „надмине перформансите на сите споредливи мотори“. Воопшто не се сомневаме во можностите на овој мотор. Благодарение на сета таа моќ и вртежен момент, како и намалената тежина од 41 килограм во споредба со претходникот, S63 AMG забрзува до 100 километри на час за само 4 секунди (или 4.4 ако го нарачате со 4Matic системот за погон на сите четири тркала).
Секако, покрај масивниот мотор, купувачите на S63 AMG ќе уживаат во спортската суспензија, поголемите кочници, специјалниот бодикит и уникатните тркала од лесна легура. Во внатрешноста ќе ги пречекаат прекрасните AMG спортски седишта, многуте AMG логоа и детали кои го издвојуваат S63 AMG од „обичната“ S-Class. Дополнително, купувачите со подлабоки џебови ќе можат да нарачаат многу дополнителна опрема и специјални додатоци, како што е поклопец на моторот изработен од јаглеродни влакна, карбон пакет за екстериерот и уште многу други ситници.
Она што ние можеме да го забележиме е дека новиот S63 AMG изгледа многу подискретно од својот претходник, но тоа не е лоша работа – сепак се работи за луксузна лимузина со монструозен мотор која на својот возач треба да му обезбеди перформанси кои не се од овој свет, а истовремено да му понуди максимална дискреција. Полн погодок!